monografija-poetska-nok

Излезе од печат монографијата „30 години Поетска ноќ во Велестово“

Охрид, 24. декември 2018 (ИНПРЕС) – Деновиве од печат излезе монографија „30 години Поетска ноќ во Велестово“, која ја подготви основачот на манифестацијата поетот Славе Ѓорго Димоски.

Манифестацијата претставува антологија на македонската поезија и сликарство. Во изминатите 30 години на Поетската ноќ во Велестово беа претставени најзначајните македонски поети и сликари, меѓу кои: Јован Котески, Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Петре М. Андреевски, Радован Павловски, Михаил Ренџов, Богомил Ѓузел, Раде Силјан, Веле Смилевски, Ристо Василевски… до најмладите, а меѓу сликарите учесници беа: Вангел Наумовски, Родољуб Анастасов, Глигор Чемерски, Владимир Георгиевски, Боро Митриќески, Коле Манев, Сергеј Андреевски, Славко Упевче, Јордан Манасиевски, Стефан Хаџи-Николов, Емил Шулајкоски…

Во монографијата е опфатен антологиски избор со по една песна од досегашните пртеставени автори, а изборот и пригодниот текст го направи Санде Стојчевски.

Со оглед на тоа што манифестацијата има и меѓународен карактер, претставен е и избор на досегашните поети-странци кои биле учесници, а доаѓале од: Ирска, Норвешка, Русија, Италија, Албанија, Словенија, Србија, Црна Гора, Бугарија, Естонија, Словачка…

Покрај текстуален дел, монографијата е богато илустрирана со фотаграфии кои хронолошки го претставуваат развојот на манифестацијата во изминатите три децении.

„Поетската ноќ во Велестово“ започна во 1989 година со оригинална концепција, да се претстави по еден македонски автор и сликар, своевидна симбиоза меѓу зборот и бојата. Низ годините успеа да израсне во една од најактуелните македонски манифестации, дури го зеде приматот, после Струшки вечери, на прва манифестација од тој ранг и е една од најстарите во континуитет. Манифестацијата стана антологија на највредното од Македонија од аспект на поезија и сликарство.

Од 2008 година таа прерасна во меѓународна манифестација, а од пред три години се промени концептот, да се претставува една национална поезија, односно се претставува една земја. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest