Промовирана Монографијата „50 години КУД Ѓердан“

Охрид, 24. декември 2018 (ИНПРЕС) – Викендов во Охрид беше промовирана Монографијата „50 години КУД Ѓердан – Охрид“, на новинарот и публицист м-р Милчо Јованоски.

– Идејата за формирање на КУД „Ѓердан“ од Охрид се родила 1967 година. Зародишот го прават познатиот музичар и подоцна диригент Наум Гаврилоски и тогашниот директор на „Охридско лето“ Миле Волканоски. Друштвото официјално е регистрирано во април 1968 година и тоа е прво фолклорно друштво во Охрид. Од тогаш до денеска 50 генерации музичари и игроорци ја пренесле славата на македонската игра и песни низ светот. На 10 годишнината од постоењето „Ѓердан“ го одржал 500 концерт во хотелот „Палас“, а на 25 годишнината веќе бројат 4.300 концерти посетени од над 3 милиони гледачи. Сега, 25 години потоа слободно таа бројка може да се дуплира, вели уметничкиот раководител на КУД „Ѓердан“ Методија Бараковски, човекот кој и денес е синоним за ова друштво.

Тој додаде дека токму, оваа Монографија е плод и круна на постоењето на друштвото кое и денеска егзистира и од кое излегоа голем број луѓе кои подоцна формираа нови друштва во Охрид.

Викендов беа промовирани уште две книги во издание на НУ Библиотека "Григор Прличев" - Охрид

– КУД „Ѓердан“ е бренд и на Република Македонија, а бројни негови играорци продолжувале во „Танец“ и ред други друштва за време на студирањето или отселувањето од Охрид. Витрините се преполни со награди и признанија и спомени за едно време минато, но и за сегашноста во која КУД „Ѓердан“ има задача и мисија младите да не ги заборават македонските корени, песни и традиции, напомена Бараковски.

Монографијата на близу 100 страници преку пишан збор и многу фотографии на некој начин ја „оживува“ и зачувува историјата на друштвото. Издавач на монографијата е НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид. (Крај)

извор: НУ Библиотека „Григор Прличев“ фото: НУ Библиотека „Григор Прличев“

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest