GrigorPrlicev1-640x357

Ракописот „Крале Марко по втор пат“, поднесен под шифра „Марко“ е добитник на наградата „Григор Прличев“

Охрид, 25. декември 2018 (ИНПРЕС) – Жири комисијата за доделување на наградата „Григор Прличев“ донесе одлука наградата оваа година да му се додели на авторот на ракописот „Крале Марко по втор пат“, поднесен под шифра „Марко“.

– Жири комисијата во состав: Наташа Аврамовска (претседател), Иван Џепаровски (член) и Валентина Миронска-Христовска (член), со мнозинство гласови одлучи за најдобра поема да биде избран токму овој ракопис. Издвоениот глас на членот на комисијата Валентина Миронска-Христовска се изјасни во прилог на поемата „Воскресение на зборот“ (шифра: „Сердарот“). Меѓу другите ракописи, во најтесниот изборен круг беше вброена и поемата „Тесен пат кон далечниот север“ (шифра: „Северница“), велат организаторите.

Во образложението за доделување на наградата се вели дека ракописот под наслов „Марко Крале по втор пат“ (шифра: „Марко“) е експресивен поетски портрет на епскиот легендарен јунак.

– Лирската димензија на пеењето ја донесува огласувањето во прво лице, односно самоогласувањето на Крале Марко по однос на сопствената амбивалентна природа: „Ѕвер сум, ангел сум/Две лица крие душава моја“. Експресивноста на овој поетски портрет е возбудлива и изведена во подражавањето на воинствениот агон, но сега пренесен и на психичко рамниште во себедоживелицата на јунакот, на сопствената двојна природа, при неговото будење шест стотини години подоцна. Имплицитна претпоставка на пеењето е актуелната општествена стварност (локална, но и глобална), неподобното време за епско јунаштво, при што лирско-епскиот портрет на Крале Марко е дополнително реализиран на рамиштето на автосубверзијата. Поемата „Марко Крале по втор пат“ е несомнено поетски одговор на општествениот наговор на денешницата, та чинот на неговото поетско портретирање во самоогласувањето, лирската контаминација на неговата заскитаност при будењето во „погрешно време“ воедно се реализира и како двосмислен акт на уметничко автодафе, велат од жири комисијата. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest