Со премиерата на претставата „Каде е пиштолот?“ охридскиот театар ја заокружува 2018-та година

Охрид, 27. декември 2018 (ИНПРЕС) – Охридскиот народен театар со премиерата на претставата „Каде е пиштолот?“ ќе ја заокружи 2018-та година.

Утревечер од 20:00 часот на малата сцена во Центарот за култура ќе биде изведена оваа претстава од унгарскиот автор Габор Ѓоргеј, а во режија на Дејана Николовска. Ова е трета премиера за годинава, а успеаа да завршршат се што било предвидено со годишната програма.

По „Метод“, повторно имаме претстава која за првпат ќе се изведува во Република Македонија, за првпат е преведена на македонски јазик, рече в.д директорот Стрезо Стаматовски.

– Финализираме со една претстава која е практичнио за еден многу интересен мотив, претстава за идеологиите. Ова ни е втора соработка со режисерката Николовска по „Благородникот“ на Молиер. Во овој проект покрај министерството за култура, ја имаме поддршката и од локалната самоуправа. Се надевам дека соработката ќе продолжи и ќе бидат одвојувани повеќе средства за театарот, додаде Стаматовски.

Утрешната премиера ќе биде посветена на прерано починатиот градоначалник Јован Стојаноски, со кого како што рече Стаматовски имале добра соработка, бил човек кој знаеше да ја оцени културата, ја сакаше култура, особено театарот.

Режисерката Дејана Николовска по втор пат соработува со охридскиот театар, претходно беше со „Благодороникот“ на Молиер. Се заблагодари за одличната соработка со актерите и целиот тим на театарот.

– Имавме релативно мирен процес за театар. Акерите беа исклучително псоветени, отворени и концентрирани и затоа имаме ваков продукт. Текстот ја обработува темата на власта. Со промена на власта дел од луѓето добиваат, дел губат. Токму со тоа им се случува на ликовите од претставата што ја прави исклучително актуелна. Ова е вечна тема, а текстот, иако во Македонија за првпат, има повеќе постановки и е добро примен кај публиката, што се надеваме дека така ќе биде и овде, потенцира Николовска.


Во претставата играат: Горан Стојаноски, Никола Тодороски, Адријана Билаловиќ Тодороска, Ивица Цонев, Стрезо Стаматовски.

Криминалецот Цуки го игра актерот Горан Стојаноски. Ова театарско парче е убава порка до сите нас дека не смееме да си играме со луѓето.

– Кругот што се затвора социо – политичкиот контекст е онаа кружна верига која почнува да дехуманизира, тоа е сериозната порака на власта. Дехуманизиација е нешто што е рак рана на нашето општество, ние поентираме со една порака зошто луѓето не можат да направат компропмис, кои се тие „кнедли“ што треба да ги голтнеме и да живееме среќно заедно сите, истакна Стојаноски.

Никола Тодороски се јавува во ликот на Миле К., односно оној тип на човек кој го среќавате кога влегувате во било која администартивна средина, кој е секогаш тука за вас.

– Има луѓе кои се чувствуваат многу посилни кога пиштолот е во нечија рака а тие насочуваат кај треба да се пукне. Од мој аспект ова е еден добар пример кој им овозможува на гледачите од страна да изгледаат што се случува кога некој доаѓа и си оди од власт, рече Тодороски.

За актерката Адријана Билаловиќ Тодороска вистински предизвик било да ја долови улогата на монарх.

– За мене беше голем предизвик како жена која игра маж и плус монарх, профил што го немаме во нашето општество, па морав да истражувам додека да го најдам ликот и забавата во него. Публиката многу добро ќе ги препознае ликовите бидејќи се архетип во нашето општество, а начинот на функционирање е актуелен во нашата општествена ситуација. Факт е дека не можат да дојдат до компромис бидејќи секој од нив ја посакува власта. Има тенок хумор во претставава, смеењето е слатко горко и предвидувам дека долго ќе биде поставувана на репертоар, истакна Билаловиќ Тодороска.

Претставата „Каде е пиштолот?“ претпремиерно ќе биде изведена вечерва од 20:00 часот. (Крај)

извор: ИнПрес фото: ИнПрес

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest