На Охрид му се случи вистинска „Музичка (Р)еволуција“ (Фото)

Охрид, 30. декември 2018 (ИНПРЕС) – Под мотото „Музичка (Р)еволуција“, вечерва во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, деветта година по ред охридските гимназијалци преку забава и музика собираа средства кои ќе бидат наменети за 40-50 ученици кои не се во можност во целост да ги покријат трошоците за задолжителната завршна екскурзија, предвидена во годишниот план на училиштето.

Традиционалниот хуманитарен концерт оваа година беше своевиден музички времеплов, преку кој беше претставен развојот на музиката од педесетите години, до денешните модерни музички текови. На настанот учествуваа околу 100 ученици, кои се вклучени во проектот и кои концертот го посветија на прерано починатиот градоначалник на Охрид, проф. д-р Јован Стојаноски.

Пред публиката, која до последното место го исполна охридскиот Центар за култура беа изведени 23 песни и неколку танцувачки точки.

Иницијативата за овој проект започна пред девет години, а од година во година се` повеќе се надградува, станува посодржајна и помасовно посетена. (Крај)

извор: ИнПрес фото: ИнПрес

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest