kosntantin1

Георгиески: Доколку партијата и членовите го побараат тоа од мене, не ја исклучувам кандидатурата на локалните избори

Охрид, 14. јануари 2019 (ИНПРЕС) – Ќе следуваат партиски консултации, разговори и носење одлуки од органите на партијата. Сепак не можам да исклучам моја кандидатура на локалните избори во Охрид, доколку партијата и членовите го побараат тоа од мене, изјави во интерву за порталот Скопје 1 в.д градоначалникот на Охрид Константин Георгиески.

– Моментот на загубата на градоначалникот Јован Стојаноски ме најде како негов заменик. Многу часови поминавме заедно во разговори каков Охрид сакаме, каде сакаме да го развиваме градот, имавме голема доверба еден во друг. Тешко беше и е, да се размислува сега на оваа тема, посебно кога тој кобен 15-ти декември до последно бевме заедно. Не знам… Доколку би размислувал во насока на избори и кандидатура тоа веројатно би било во знак на почит кон човекот кој прв имаше доверба во мене, доследно и достојно да го продолжам патот за кој часови и часови на моменти во занес разговараме за нашиот Охрид. Сепак сметам дека е премногу рано за одлука по тоа прашање, изјави Георгиески.

Тој вели дека е против изградба на Ски центар на планината Галичица и дека е чесно да се престане „да се замајуваат Охриѓани со луди, економски неисплатливи и неостварливи проекти за Ски центар на Галичица“.

– Јас сум пасиониран скијач и планинар, и најмногу од сите сакам да имаме Ски центар на Галичица, но реалноста е сосема поинаква. Едноставно таму нема услови за тоа и тоа никогаш нема да се случи и сите претходни најави и ветувања се само празни дневно-политички муабети, вели Георгиевски.

Околу тековните проекти кои во моментов се работат во Охрид тој ги најавува изградбата на спортска сала во ЕМУЦ, комплетната реконструкција на кружниот тек кај Општа болница, довршувањето на патеката до хотел „Парк“, комплетна реконструкција на Булевар „Туристичка“, улица „Егејска“ и други проекти.

Комплетното интервју ОВДЕ. (Крај)

извор: Скопје 1 фото: Скопје 1

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest