tatkobebe

Задолжително породилно отсуство за татковците во ЕУ

Брисел, 25. јануари 2019 (ИНПРЕС) – Одлучувачките тела на ЕУ (Парламентот и Советот) доцна вчера постигнаа договор за директивата наречена „рамнотежа меѓу приватниот и професионалниот живот“ која за прв пат предвидува задолжително породилно отсуство за мажите, јавува дописничката на МИА во Брисел.

Највпечатлив дел од компромисот е воведувањето на задолжително породилно отсуство за татковците од десет дена минимум во цела ЕУ. Породилното за мажите ќе изнесува онолку колку што чини ден боледување во секоја земја. Европскиот Парламент во преговорите бараше породилното за татковците да изнесува 80 отсто од бруто платата, но земјите членки одбија.

Досегашната директива не предвидуваше ништо за отсуството на мажите по раѓањето на нивното дете и во многу земји сѐ уште се смета за “природно“ мајката да биде единствениот родител кој зема породилно. Во одредени земји членки пак овој компромис не менува ништо суштинско бидејќи тие веќе предвидуваат отсуство за татковците во своето национално законодавство.

Друг тензичен аспект на оваа директива за време на преговорите било обичното родителско отсуство, неговото времетраење и можноста за трансфер од мајката на таткото.

Финалниот компромис предвидува минимум четири индивидуални месеци, од кои два не смеат да му бидат префрлени на другиот родител. Одлуката дел од породилното да не смее да се трансферира се должи на фактот што кога постои можност за префрлање на породилното, во најголем број случаи тоа се прави кон мајката.
Европските синдикати и граѓанските организации го поздравија усвојувањето на оваа директива како договор кој ја оживува социјална Европа.

Целиот текст прочитајте го ТУКА. (Крај)

извор: Нова Македонија фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest