zzzzaev

Влада на РМ: Отписот на долговите за струја е мерка на солидарно општество и не е на товар на граѓаните

Скопје, 4. февруари 2019 (ИНПРЕС) – По силните реакции во јавноста, Владата на Република Македонија, во консултација со ЕЛЕМ и ЕВН, информира дека отписот на долговите за електрична енергија се однесува на заостанатите долгови на граѓаните заклучно со август 2005 година, односно до моментот од кога ЕВН ги презеде долговите од државната компанија ЕСМ.

Реакциите дојдоа по изјавата на премиерот Зоран Заев во Охрид дека на околу 200 илјад граѓани ќе им биде простен долгот за потрошена електрична енергија.

– Освен долгот за струја, во предвидениот отпис е опфатен и долгот за радиодифузна такса која до тој период се прибираше преку сметките за струја. Бројката на граѓани опфатени со овој отпис на долгови е утврдена врз основа на бројката на оптужени должници и изнесува околу 200 илјади граѓани. Во голем процент станува збор за граѓани од ранливите категории население, како корисници на социјална помош и пензионери. Со отписот на долговите, граѓаните опфатени со оваа мерка се ослободуваат и од натамошните бирократски и административни постапки, кои освен олеснување од правно-процедурален аспект, за граѓаните значи и ослободување од сите идни трошоци поврзани со извршителски, нотарски и судски такси и трошоци за постапки на извршување. Овој отпис на долговите за струја и радиодифузна такса на ниту еден начин не значи дека вкупниот долг ќе биде надоместен од Буџетот на државата, односно дека паѓа на товар на останатите граѓани, туку едноставно за отпишување на овој долг за кој постои изразена силна волја од Владата на Република Македонија, од ЕЛЕМ, како и од ЕВН. Со оваа мерка единствена придобивка ќе имаат нашите сограѓани на границата на социјалната сигурност, кон кои Владата, како и компаниите ЕЛЕМ и ЕВН, се должни да ја изразат својата солидарност како институции и компании со висок степен на општествена одговорност, стои во дописот до медиумите од Владата на Република Македонија, од каде додаваат дека заедно со сите чинители во енергетскиот сектор, продолжуваат да креираат политики кои создаваат услови за стабилни цени на струјата и мерки за враќање на парите кај граѓаните од користењето на природните ресурси како што е евтината тарифа, за разлика од периодот од 2006 до 2016 година кога електричната енергија поскапи за 100 отсто. (Крај)

извор: Влада на РМ фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest