sovet-sednica-noemvri

Случајот „Градиште“ денес пред советниците

Охрид, 5. февруари 2019 (ИНПРЕС) – Денес ќе се одржи 24-та седница на Советот на општина Охрид, со Дневен ред, чии делови предизвикаа внимание и бурни реакции во охридската јавност деновиве.

Седницата има 70 точки на Дневниот ред, меѓу кои доминираат Предлог-одлуките за утврдување потреба од донесување урбанистичко-планска документација, со цел вклопување на бесправно изградените објекти во делови од Охрид, Косел, Љубаништа, Лескоец, Ливоишта, Вапила, Косел и др. На дневен ред се и Предлог- одлуката за давање согласност на План за изменување на годишниот план за вработување за 2019 година, за одржување на јавната чистота на територијата на општина Охрид, за спроведување на општи мерки за заштита на населението од заразни болести за 2019 година, Предлог-одлуката за определување зони за утврдување на пазарна вредност на недвижен имот (објекти) на подрачјето на општина Охрид, за определување на просечна цена за утврдување на пазарна вредност на градежното (неизградено и изградено) земјиште за календарската 2019 година утврдена врз основа на извршените купопродажби во претходната година на подрачјето на општина Охрид, за определување на просечна цена за утврдување на пазарна вредност на земјоделско земјиште утврдено врз основа на извршените купопродажби во претходната година на подрачјето на општина Охрид по катастарски општини, Предлог-измената и дополнување на Програмата за изработка на урбанистички планови на територијата на општина Охрид за 2019-2020 година и Предлог-програмата од областа на располагањетo со градежно земјиште во сопственост на Република Македонија на подрачјето на општина Охрид за 2019 година.

Сепак, една од точките околу која се крена најголема прашина деновиве во Охрид е легализацијата на седум бесправно изградени објекти во Авто кампот „Градиште“. Преку допис до медиумите, наследниците на имот во овој дел бараат на денешната седница, Градскиот совет да не дозволи легализација на бесправно изградените објекти.

– Пред неколку години имаше иста ситуација кога преку седницата на совет на општина Охрид требаше да се легализираат дивоградби во „Градиште“, но тој обид беше спречен со протест пред општина Охрид, организиран на барателите на имот на денационализација и точката веднаш беше тргната од Дневен ред. Сега истата ситуација се повторува но разликата е што дивоградбите веќе се вметнати во Катастар и со денешното гласање треба да се легализираат, стои во дописот.

Од ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид, вчера на прес конференција побараа да се повлече точката за легализација на дивоградбите во „Градиште“ од денешната седница на Советот.

– Легализацијата на 7 бесправно изградени објекти во кампот „Градиште“ во најзаштитениот појас, во непосредна близина на езерото, експресно државата и нејзините институции ги издале сите потребни согласности за овие легализации. Замислете тие и незаконски веќе се вметнати во катастар на Република Македонија како „зпз земјиште под зграда”. Го повикуваме в.д градоначалникот Константин Георгиески да ја повлече точката од дневен ред за легализација на дивоградбите и веднаш да се донесе одлука за мораториум во согласност со препораките од УНЕСКО, истакнаа од партијата.

Комплетниот Дневен ред ОВДЕ. (Крај)

извор: Општина Охрид фото: ИнПрес

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest