GrigorPrlicev1-640x357

Започнува манифестацијата „Прличеви беседи“

Охрид, 5. февруари 2019 (ИНПРЕС) – Денес во Охрид започнуваат свеченостите во рамките на манифестацијата „Прличеви беседи“, со која се одбележува годишнината од смртта на Григор Прличев.

Активностите со кои се чествува ликот и делото на најпознатиот охридски поет и преродбеник ќе започнат во 12:45 часот со отворањето на изложбата на ликовни дела на уметници од Република Македонија во Изложбениот салон при Центарот за култура „Григор Прличев“. Во 13:00 часот ќе започне свеченоста посветена на лауреатот Григор Прличев и настап на хорот при НУЦК „Григор Прличев“ со „1762 лето“. Според програмата е предвидено обраќање на претставник од општина Охрид и претставување и артистичка изведба на наградената поема за 2018 година – „Крале Марко по втор пат“ од актерите Ивица Цонев и Павел Маслов. Потоа ќе биде врачена Повелбата за најдобра поема за 2018 година, а ќе следи и свеченото обраќање на лауреатот Славчо Ковилоски, информираат од Центарот за култура „Григор Прличев“ од Охрид.

Image may contain: 1 person, text

Во среда, на 6-ти февруари во 10:00 часот ќе биде положено свежо цвеќе пред споменикот на Григор Прличев во дворот на ОУ „Григор Прличев“. Во 10:30 часот ќе се одржи панихида и полагање цвеќе на гробот на Григор Прличев. Во Спомен куќата на Григор Прличев во 12:00 часот ќе се одржи манифестацијата „Стихови и звуци за Прличев“, во рамките на која беседа за Прличев ќе има Академик Витомир Митевски. Во 12:45 часот пред Бистата на поетот пред охридската библиотека ќе се положи ловоров венец и свежо цвеќе, а обраќање ќе има секретарот на Друштвото на писатели на Република Македонија, Мишел Павлоски. Во 13:oo часот ќе се одржи портрет на писателот и поет Видое Видически, како и видео-проекција „Од животот на Прличев“.

Во рамките на прославата ќе се одржи и традиционалната манифестација „Охридска визита“.

Манифестацијата „Прличеви беседи“ е востановена пред речиси шест децении, како одбележување на годишнината од смртта на големиот поет кој почина на 4-ти февруари пред 124 години. Прличев пред век и половина беше овенчан со Ловоров венец во Атина за неговата поема „Сердарот“.

„Прличевите беседи“ се одржуваат во организација на Центарот за култура и библиотеката во Охрид што го носат неговото име, со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest