Општина Охрид спроведува ревизија дали се почитувал законот при носење на урбанистичките планови

Охрид, 5. февруари 2019 (ИНПРЕС) – Од општина Охрид објавија дека се спроведува ревизија на начинот на кој биле носени локални плански документации.

В.д градоначалникот, д-р Константин Георгиески денес кажа дека во општина Охрид во тек е ревизија на документацијата, но и начинот како се стигнувало до одредени одобренија за градба. Во тоа се вклучени и спорниот објект во Лагадин, како и вклопувањето на бесправно изградени објекти кај автокампот „Градиште“, на што реагираа наследниците на имотот.

– Се ревидира дали се воопшто донесени тие планови легално и законски за да стасаме до тие одобренија за градба кои мора да ги издаваме. Кога ќе дојде инвеститор и побара одобрение за градба на постоечки план, јас како градоначалник сум должен да постапам по тоа барање. Проблемот со објектот кај Лагадин е подлабински. Треба да се види како е донесен планот за Лагадин, бидејќи одобрението за градба е издадено врз основа на некаков ДУП. Од второстепена комисија при министерството за транспорт и врски минатата недела по шести пат пристигна известување дека жалбата на инвеститорот е усвоена. Сега предметот е повторно вратен на прв степен и повторно ќе одлучуваме. За хотелот има решение од Државниот градежен инспекторат, кој е во рамки на министерството за транспорт и врски, а второстепената комисија, која е во рамки на ова министерство, го поништила истото решение кое е донесено на основа на решенито на државниот градежен инспекторат, вели Георгиески.

Image result for лагадин хотелИзградбата на спорниот објект во Лагадин кој деновиве повторно го привлече вниманието на јавноста моментално е стопирана. На неодамнешната трибина на премиерот Зоран Заев со охриѓани тој рече дека банална е причината за стопирање на градбата на хотелот, дека инвеститорот не го пријавил отпочнувањето со градба пред надлежните служби, потенцирајќи дека ќе се заложи согласно одлуката од второстепената комисија да се реши проблемот, во насока да се испочитува правото и правдата за граѓаните.

На ова повторно реагираа екологистите, невладините организации и здруженија, кои и досега во неколку наврати преку мирни протести и уметнички перформанси потсетија дека објектот е подигнат во заштитена зона од УНЕСКО. Потенцираа дека со ова не се почитуваат обврзувачките препораки дадени од Комитетот за светско наследство со што регионов може да биде ставен на Листата на светско наследство во опасност. (Крај)

извор: ИнПрес фото: ИнПрес

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest