aleksandardukleski

Младиот мајстор на Рубиковата коцка Александар Дуклески сруши 10 национални рекорди на натпревар во Скопје

Охрид/Скопје, 7. февруари 2019 (ИНПРЕС) – 13-годишниот Александар Дуклески од Требеништа, нашиот мајстор во склопување на познатата Рубикова коцка продолжува да нижи успеси и медали.

На вториот официјален натпревар во рубикова коцка „Macedonia Winter 2019“, што се одржа во Скопје, Александар сруши 10 национални рекорди.

Освои 4 медали на интернационално ниво и тоа два сребрени (во 3x3x3 со една рака и megaminx), како и два бронзени (5x5x5 и Skewb). На ниво на Македонија освои вкупно седум медали, од кои шест златни и еден сребрен.

На натпреварот учествуваа над 100 натпреварувачи од 12 земји.

Младиот Александар, кој е ученик во VIII одделение во ОУ „Дебрца“ во селото Требеништа, зад себе има уште неколку успеси. Учествуваше на интернационалниот натпревар „Albanian open 2018“ собори 6 национални рекорди во склопување на Рубикови коцки во категориите 3-3 и 4-4, влезе меѓу петте најдобри на меѓународниот натпревар во склопување Рубикова коцка „Autumn 2018“, кој се одржа во Софија, Бугарија. На натпреварот учествуваа 6 Македонци и беа подобрени вкупно 13 македонски рекорди, од кои 8 ги освои Александар.

За неговата вештина и талент, веќе е запозната и пошироката јавност, а заслужено признание доби и од градоначалникот на Дебрца, Зоран Ногачески, кој го прими младиот талент во неговиот кабинет.

Рубиковата коцка се смета за најпродавана играчка на светот. Историјата на Рубиковата коцка започнува 1974 година, кога идејата за тродимензионалната играчка ја добил кипарот и професор по архитектура Унгарецот Ерно Рубик.

Најпопуларната коцка на светот во основната верзија се состои од девет мали еднобојни коцки на секоја страна, а вкупно ги има 54. Кога боите на тродимензионалната коцка ќе се измешаат, пред вас се наоѓа тешка задача. Според некои пресметки Рубиковата коцка има 43,252,003,274,489,856,000 различни комбинации.

Меѓународни натпревари во склопување на Рубиковата коцка се одржуваат секоја година во разни категории. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest