Реконструкцијата на влезот и големата општинска сала тапка во место

Охрид, 12. февруари 2019 (ИНПРЕС) – Проектот „Реконструкција и адаптација на влезот и Салата од Советот на општина Охрид“ кој беше избран на Форумот на заедници тапка во место.

Кон крајот на минатата година се одржаа четири работни сесии на кои седумте работни групи во кои имаше претставници на Советот на општина Охрид, општинската администрација, претставници на невладиниот и бизнис сектор дебатираа и предлагаа проекти за социјална инклузија. Како приоритетен беше избран токму проектот за реконструкција и адаптација на влезот и големата општинска сала, но поради тоа што сеуште не се довршени потребните одобренија, сеуште не се започнати градежните зафати, информираат за Супер радио и OhridPress од општината.

– Со проектот е предвидена и изградба на настрешница и лифт за инвалидизирани лица. Денес одржавме состанок со проектантите, кои сеуште ги немаат потребните одобренија за изведување на зафатите. Побаравме од нив во најскоро време да ја завршат постапката околу дозволата за настрешницата и да се почне со работа. Инаку парите се обезбедени и потпишан е договорот со UNDP, велат извори од општината.

UNDP и Швајцарската амбасада во Република Македонија во реализација на проектот ќе учествуваат со вкупен буџет од 50.000 швајцарски франци.

Доколку за овој проект не се потрошат сите предвидени средства остатокот од нив ќе бидат пренаменети за реализација на некој од преостанатите проекти: Уредување на младинска канцеларија и младински совет, поголема туристичка презентација на општина Охрид преку нови форми на маркетинг и подобрување на условите за настава и работа во ОУ „Христо Узунов“. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest