trskazapalenastruga

Повторно запалена трска во Струга, сега на потегот Струга-Калишта (Фото)

Охрид, 16. февруари 2019 (ИНПРЕС) – Да се запре криминалот врз појасот трски на Охридското Езеро, порачуваат екологистите од Струга и Охрид, откако вчера беше повторно запалена трската на потегот Струга-Калишта.

– Палењето на појасот трски во заштитено подрачје е кривично дело. Бараме одговорност од соодветните институции за овој екоцид, апелираат екологистите.

Добрите познавачи на приликите потенцираат дека трската намерно се пали за да се направи простор за натамошна узурпација на просторот за изградба на плажи и угостителски објекти.

Image may contain: night and fire

Во ноември минатата година, по обвинувањата дека преку Советот на Општината има намера целиот брег да го даде под концесија, градоначалникот на Струга Рамиз Мерко изјави дека никој нема да го приватизира струшкиот брег, и дека тоа се шпекулации на опозицијата.

– Нема никаква одлука на Градскиот совет за ова прашање. Ние на една од седниците ќе го поставиме планот за парцелизација на брегот во кој ќе се наведе кои делови можат да се користат за плажи а кои не. Дури после тоа ќе се однесе одлука за распишување на тендери за концесионирање со плажите. Ние строго ќе го почитуваме критериумот 40-60 отсто од плажата да биде слободен за користење без оптоварување со лежалки и други реквизити, изјави тогаш Мерко.

Image may contain: night and fire

Советниците на Алијансата за Албанците, кои се опозиција во Советот, го обвинија Мерко дека предлогот за давање под концесија на струшкиот брег е злосторство против природата.

– Сведоци сме на обиди на Рамиз Мерко и неговата компанија, да биде изгласан темниот план за узурпирање на брегот на езерото. Го видовме очајот на градоначалникот притиснат од некои бизнисмени и финансиери на неговата кампања за трансформирање на природната убавина на нашиот град во приватни објекти и бизниси, се вели во соопштението на Алијансата за Албанците.

Тие тврдат дека со новиот предлог ќе се узурпира целиот брег без исклучок, од влезот до излезот на градот.

– За да биде ситуацијата пострашна, се предвидува дека зелените површини и деловите на трската може да се претворат во приватни плажи, се вели во изјавата на струшкиот разгранок на Алијансата за Албанците. (Крај)

извор: ИнПрес/СДК фото: Monitoring, Protection and Sustainable use of the Reed Belt of Lake Ohrid

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest