Konvencija-vmro

Започна конвенцијата на ВМРО ДПМНЕ за избор на претседателски кандидат

Струга, 16. февруари 2019 (ИНПРЕС) – Под слоганот „За честита Македонија“ опозициската ВМРО ДПМНЕ на конвенција денеска во Струга ќе го избере кандидатот за претседател на изборите закажани за 21-ви април.

551 делегат ќе избираат меѓу девет пријавени кандидати: Гордана Силјаноска Давкова, Влатко Ѓорчев, Филип Петровски, Горан Ангелов, Илија Димовски, Сашо Култешовски, Никита Шекутовска, Васко Костов и Ѓорѓи Манасков. Кандидатите ќе имаат по 15 минути можност да ја претстават својата визија пред делегатите, а потоа предвидено е да се премине на гласање.

На почетокот на конвенцијата беше избрано работно претседателство на чело со Игор Јанушев.

Лидерот на партијата Христијан Мицкоски во изјава за медиумите изрази задоволство што досегашната постапка за избор на канидат се одвивала во транспарентен и демократски процес и е убеден дека идниот прв човек на државата ќе биде од ВМРО ДПМНЕ.

– Среќен сум што изминавме транспарентен и демократски процес во рамките на партијата, имаме повеќе од задоволителн број на кандидати, девет на број, имаа можност во изминативе денови да се презентираат себеси, својот поглед за иднината на земјата. За разлика од она што го гледаме кај нашиот политички конкурент оној деспотизам кој сеуште владее од времето на транзицијата кога по декрети се номинираа претседатели, канидати, ВМРО ДПМНЕ покажа дека е лулка на демократијата, столб и пример како треба да се одвива една демократска процедура за избор на претседателски кандидат. Убеден сум дека согласно слоганот делегатите ќе изберат честита личност, рече Мицкоски.

За избран кандидат, според деловникот на партијата, се смета оној кој добил најмногу гласови, но не помалку од една третина од вкупниот број делегати, односно 184. Доколку ниту еден од кандидатите не го добие потребниот број или кандидатите добијат ист број гласови, гласањето се повторува.
Во повтореното гласање учествуваат двајцата кандидати, кои добиле најмногу гласови на првото гласање, при што за избран ќе се смета кандидатот кој добил најмногу гласови на повтореното гласање. (Крај)

извор: ИнПрес фото: ИнПрес

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest