Во опција се неколку локации за изградбата на современа поликлиника во Охрид

Охрид, 6. март 2019 (ИНПРЕС) – Се разгледуваат неколку опции за локацијата каде ќе биде изградена современата поликлиника во Охрид.

Министерот за здравство, Венко Филипче при денешната посета на Охрид рече дека се прават напори што побрзо да се започне со изградбата на модерна и современа поликлиника каква што им е потребна на жителите.

– Минатата година ја промовиравме како физибилити студија, сега да видиме што треба од градежен аспект да се направи за да се започне со градба што побрзо и жителите на Охрид да имаат модерна и современа амбуланта каква што им е потребна. За поликлиниката е разгледуваат неколку опции. Една локација е Здравствениот дом или „маларичната“, другата е во рамки на болницата на местото каде веќе има објект кој е карабина и кој стои веќе повеќе години, потенцира министерот Филипче.

Во однос на недостигот од кадри во медицинските установи во земјава, Филипче истакна дека при направената анализа минатата година, вкупниот број на лекари кои недостасуваат била 600. Лани биле реализирани 3 200 вработувања претежно доктори и медицински сестри. Со тој тренд ќе се продолжи и годинава, особено со новината за младите лекари кои ќе добијат шанса да се ангажираат во системот на јавното здравство.

– Согласно измената на законот за здравствена заштита секој млад доктор кога ќе го заврши стажот во лекарската комора и ќе добие лиценца за работа, автоматски ќе добие и платена позиција во рамки на системот на примарно здравство: итна помош, вакцинални пунктови и системот на тријажа. Сметаме дека периодот од 6 месеци е неопходен за младите лекари да стекнат искуство во примарното ниво за што обезбедивме средства, рече Филипче.

Министерот Филипче беше запознаен со проблемите со кои се соочува општата болница, а со менаџментот разговараше и за имплементирање на новите модели на мобилни сервиси кои веќе ги има како пилот проект во неколку општини, со цел на пациентите да им се овозможи полесен пристап до здравствени услуги, а со тоа и подобар квалитет на истите.

Покрај тоа, Филипче присуствуваше и на примопредавањето на вредна донација за болницата, возило за транспорт на пациенти, од страна на „Руски транс“ и СОС Балкан Медиа. (Крај)

извор: ИнПрес фото/видео: ИнПрес

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest