Градежните активности во болницата „Св. Еразмо“ течат според планот, 80% од реконструкцијата е завршена

Охрид, 7. март 2019 (ИНПРЕС) – Во рамките на вчерашната посета на Охрид, министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, ја посети ЈЗУ Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“, каде се во тек градежните активности за реконструкција и дозавршување на делот на оперативниот блок и интензивната нега.

Градежните активности течат според планираната динамика и без застој, во моментот 80% од реконструкцијата е завршена. Рокот за завршување на објектот е септември 2019 година. Со реконструкцијата, ЈЗУ Специјална болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид ќе добие современ регионален центар од областа на ортопедија и трауматологија и ќе се отворат пет нови оперативни сали, со амбулантско-болнички и стационарен дел, по сите европски стандарди, со овозможување поквалитетни здравствени услуги на пациентите, здравствените работници и воведување нови методи во лекувањето на пациентите од областа на ортопедија и трауматологија. Исто така, се очекува драстично намалување на постојните листи на чекање, современ и брз третман на итните ортопедско-трауматолошки и неврохируршки случаи.

И покрај процесот на реконструкција, во болницата се извршуваат сите предвидени активности, согласно планот за вид и обем на здравствени услуги во специјалистичко-консултативна здравствена заштита и болничката здравствена заштита.

Во 2018 година, во болницата се реализираа нови вработувања на повеќе здравствени работници, меѓу кои по еден доктор на медицина и доктор специјалист ортопед, како и тројца рендген технолози, двајца физиотерапевти и 30 медицински сестри. Во болницата моментално има 272 вработени. (Крај)

извор: zdravstvo.gov.mk фото: zdravstvo.gov.mk

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest