zaev-i-cipras

Прво ќе дојде Ципрас, потоа ќе појде Заев

Скопје, 8. март 2019 (ИНПРЕС) – По ратификацијата на Преспанскиот договор и започнување на процесот на негова имплементација помеѓу нашата земја и Грција се интензивираат дипломатските активности и зачестуваат средбите на политичко ниво.

Во работна посета на земјава денеска ќе престојува алтернативната министерка за надворешни работи на Грција, Сиа Анагностопулу. Како што соопштија од грчкото МНР, целта на посетата е дополнително зајакнување на односите меѓу двете земји по потпишувањето на Договорот од Преспа. Анагностопулу во Скопје ќе има средби со премиерот Зоран Заев, со министерот за надворешни работи Никола Димитров и со вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи.

Во грчката делегација ќе бидат и пратениците Теодора Ѕакри и Јоанис Сифакис, како и Генералниот секретар за европски прашања и други службеници од Министерството за надворешни работи на Грција.

За почетокот на следниот месец се најавува и првата официјална посета на грчки премиер на Скопје. Според пишувањата на дел од грчките информативни портали, Кабинетот на претседателот на Владата Алексис Ципрас и Министерството за надворешни работи на Грција, работат на планирање на посетата на грчкиот премиер на нашата земја.

Паралелно, новинарите во Грција, повикувајќи се на свои информации, пишуваат дека по патувањето на Ципрас во Скопје, ќе следи и посета на Зоран Заев на Атина.

Плановите за посета на Скопје ги откри самиот грчки премиер во петокот, вечерта за време на говорот на четвртиот Економски форум во Делфи. Како што веќе објави МИА, Алексис Ципрас рече дека многу бргу ќе биде првиот грчки премиер кој официјално ќе го посети Скопје, придружуван од бизнис делегација.

Целиот текст прочитајте го ТУКА. (Крај)

извор: Плус инфо фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest