saso-mijalkov

Три години затвор за Сашо Мијалков

Скопје, 8. март 2019 (ИНПРЕС) – Три години затвор за поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков, бидејќи побарал и издејствувал поништување на регуларни резултати на три гласачки места за време на изборите во 2013 година.

Судот го прогласи виновен за примање награда за противзаконито влијание и поради опасност од бегство му одреди притвор до правосилност на пресудата. Во судскиот процес за предметот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) „Титаник 2“, обвинети беа и лидерот на ДПА, Мендух Тачи, и четворица поранешни членови на Државната изборна комисија (ДИК), Бедредеин Ибраими, Сашо Срцев, Влатко Сајковски и Анета Стефановска кои се товареа за злоупотреба на службената положба и овластување, јави Гласот на Америка на македонски јазик.

Судијата Огнен Ставрев ги прогласи за виновни и останатите обвинети и ги осуди на зтаворски казни од три до четири и пол години. Највисока казна, четири и пол години затвор, доби тогашниот член на ДИК од партијата ДПА, Бедредин Ибраими, кому исто така му е определен притвор. Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, кој не се појави на соопштувањето на пресудата доби три години и два месеци затворска казна. Останатите тројца членови на ДИК, Срцев, Сајковски и Стефановска, се осудени на тригодишна затворска казна и како и Тачи ќе мора да се јавуваат еднаш неделно во судот како мерка на претпазливост.

По соопштувањето на пресудата, Мијалков и Ибраими побараа да не им се одреди притвор бидејќи нема да бегаат.

– Со ниеден гест не сум покажал дека мислам да бегам, а камоли да избегам. Со бегање не се решаваат проблемите, стилот на моето живеење не е бегањето. Ако одлучи Апелација, јас ќе ја одлежам казната, рече Мијалков.

Ибраими пак рече дека е убеден во својата невиност и нема зошто да бега.

– Тука сум роден, тука живеам и тука ќе умрам. Немам намера да бегам, туку да докажам пред повисоките судски инстанци дека не сум виновен, изјави Ибраими.

Предметот „Титаник 2“ го отвори СЈО врз основ на нелегално прислушуваните телефонски разговори а обвинението го застапуваше обвинителката Фатиме Фетаи.

Според обвинителниот акт Мијалков ја искористил својата положба и влијание и се договорил со лидерот на ДПА, Мендух Тачи, да му наложи на сопартиецот од ДИК, Бедредин Ибраими, да гласа за поништување на регуларно гласање на три избирачки места во Струмица, во корист на Васил Пишев од ВМРО-ДПМНЕ на штета на тогашниот кандидат за градоначалник Зоран Заев. Обвинителката Фетаи во завршните зборови нагласи дека Тачи не смеел но сепак му наложил на Ибриами да гласа за приговорите на ВМРО – ДПМНЕ бидејќи за возврат членовите на ВМРО-ДПМНЕ во ДИК ќе гласале за приговорите на ДПА во Општината Чаир.

Адвокатите од одбраната пак, во завршните зборови побара ослободителна пресуда за сите обвинети бидејќи, според нив, обвинителството немало докази кои го потврдуваат обвинението. Тие имаа имаа приговори и околу веродостојноста на аудио доказите, за кои тврдат дека се незаконски стекнати но и дека СЈО го поднесло обвинителниот акт по истекот на законскиот рок од 18 месеци.

Бранителите шестмината обвинети најавија жалби на пресудата но и на изречениот притвор до Апелацискиот суд. (Крај)

извор: ВОА фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest