Сугарески: Никаде нема да ги носам плажите, државата подобро ќе ги управува

Скопје/Струга, 8. март 2019 (ИНПРЕС) – Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денес му одговори на градоначалникот на општина Струга, Рамиз Мерко, откако вчера Мерко го запраша „Каде ќе ги носи плажите, во Прилеп?

– Ме чуди изјавата на градоначалникот на Струга Рамиз Мерко. Предлогот за преминување на управување на плажите на државно ниво е за сите плажи не само оние на Охридското Езеро. Никаде не мислам да ги носам плажите со мојот предлог, но мислам дека е подобро управувањето со плажите да го земе владата. Земјиштето останува на општините, рече Сугарески за Плусинфо.

Градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко излезе со оваа изјава, откако претходно Сугарески најави дека се подготвуваат измени на Законот за градежно земјиште со кои државата ќе стопанисува со охридските плажи наместо општините.

– Да му пуштите абер на министерот Сугарески дека сме демократска држава, спроведуваме демократија, а тоа подразбира и практикување на децентрализацијата. Од 2012 годиниа со децентрализацијата плажите се под ингеренции на општините. Му порачувам на Сугарески да не носи селективни одлуки само за струшките плажи. Нека ги одземе ингеренциите на општините и на плажите во Охрид, Преспа, Дојран и на сите помали езера. Кај ќе ги носи министерот плажите, во Прилеп? – рече Мерко.

Тој вели дека во партијата не разговарале за најавата на Сугарески дека плажите ќе одат под државна капа и најави дека за ова ќе бара средба со лидерот Али Ахмети за Централното претседателство на партијата да заземе став. (Крај)

извор: Плусинфо фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest