Колоска: Со „Лилит“ сакаме да донесеме нова, поинаква свежина на македонската сцена

Охрид, 17. март 2019 (ИНПРЕС) – Емилија Колоска е млада, талентирана охриѓанка, ширум државата позната како вокалист на бендот „Балтер“, а од неодамна и како вокалист на бендот „Лилит“ кој ја импресионираше публиката со своето деби со наслов „Чудо“.

Кога во еден спот нема голотија, кога Ве милува поп во комбинација со Jazz и Blues, кога страста кон музиката е поривот да се влезе во неа, тогаш настaнува музика која лесно се „лепи“ за душа.

– Песната ја сработивме во еден здив и знаевме, тоа е тоа. Се радувам што публиката ја прифати со истата леснотија со која ја сработивме. Инаку „Лилит“ покрај стандардната постава, за секоја нова песна ќе има гости, афирмирани музичари со кои ќе соработуваме. На песната „Чудо“ гостуваат Дамир Имери и Иван Петровски, а покрај Трајко Симоновски – Таци, кој е автор на музиката и тексот, како тапанар од стандардната постава е Мартин Вучиќ, вели Колоска, која беше денешен гостин во емисијата Radio Corner на Супер радио.

Запознајте се подобро со Емилија Колоска во интервју за Супер радио и OhridPress.

Супер радио: Кога бендот „Лилит“ го објави своето деби „Чудо“, многу медиуми го споделија насловот „Во свет на Карлеуши и Кардашијанки, бидете Емилија Колоска“. Какво е чувството да се прочита нешто вакво за себе?

Колоска: Искрено првично бев затекната, се разбира позитивно. Симпатична ми беше споредбата и истовремено многу ме охрабри што беше препознаено како квалитет она што го работивме со „Лилит“. Не само во музиката, туку воопшто во живтот, јас никогаш не избирам нештата да ги направам на полесниот начин. Да, ќе се сложам дека надворешната убавина е многу важна, но исто така и минлива и во музиката тоа не смее да биде најважното. Сметам дека луѓето во артистите бараат пријател со кој би можеле да се идентификуваат, а не „кукла“. Во свет преполн со лажни вредности, најмалку што можеме да направиме е да бидеме она што навистина сме.

Супер радио: Во време во кое македонската музичка сцена помалку се гуши во сопствената монотонија, „Лилит“ демонстрира една нова свежина. Поп со примеси на Jazz и Blues и спотот без голотија се покажа како добар рецепт успешно да се стигне до публиката. Како се случи да станеш дел од бендот?

Колоска: Во моето опкружување отсекогаш сум имала луѓе кои професионално се занимаваат со музика. Во тие кругови, еден мој пријател ме „спои“ со Трајко Симоновски – Таци, кој е автор на музиката која ја работиме и во тој момент бараше вокал кој за бендот. Првата песна никако не успеавме да ја доведеме до ниво да бидеме задоволни од секој аспект, пробувавме со менување на текст, парчиња музика и аранжман, но едноставно таа песна не ни „легна“. Веќе втората „чудесно“ ја сработивме во еден здив и знаевме тоа е тоа. Публиката ја прифати со истата леснотија со која ја сработивме, во еден здив. Инаку бендот е специфичен што покрај стандардната постава, за секоја нова песна ќе има гости со кои ќе соработуваме. На песната „Чудо“ гостуват Дамир Имери и Иван Петровски, а покрај Таци, како тапанар од стандардната постава е Мартин Вучиќ.

Супер радио: Маркетингот е твоја професионална определба, професија која понекогаш нема работно време, а бара голема креативност. Што ти дава сила да функционираш успешно на двете полиња?

Колоска: Работам во маркетинг агенција фокусирана на организација на настани и да, кога се има повеќе полиња на интерес, некогаш е тешко да се одржи тој животен баланс. Кога имаш позитивен „фидбек“ од сработеното милам дека е лесно да се справиш со обрвските колку и да се обемни. Кога ќе стапнам на неа, сцената е онаа која ме „полни“ со енергија. Кога преку музиката почнувам да разменувам енергија со публиката, тоа повеќе ме „полни“ отколку што ме „троши“.

Супер радио: Преку спотот за „Чудо“, те запознавме како личност која повеќе загатнува, отколку што открива. Кои три зборови засега најдобро те опишуваат како артист?

Колоска: Јас би се опишала само со еден, а тоа е скромна. Ако побарам уште некоја асоцијација за она како другите ме доживуваат би рекла упорна, многу упорна и искрена.

Супер радио: Публиката ширум државава те знае и како вокалист на бендот „Балтер“ со кој настапувате низ многу македонски клубови. „Балтер“ беше твое прво професионално музичко искуство?

Колоска: Со „Балтер“ се „споивме“ на една свирка, јас се качив на бината, отпеав, се случи „нирвана“ по што на сите ни беше јасно дека делиме зедничка енергија и имаме заедничка замисла за музиката воопшто. Не беше тоа мое прво музичко искуство, всушнот петто или шестто по ред. Првото го доживеав на своја 15 годишна возраст, кога бев дел средношколскиот бенд „Грејвејн“.

Супер радио: Какви планови имате со „Лилит“, кога да ја очекуваме втората песна?

Колоска: Со „Лилит“ тековно во студио работиме на неколку песни, но не би можела да кажам кога ќе ја објавиме следната. Најважно е што имаме доволно инспирација и мотивација за да одиме напред и на македонската музичка сцена да донесеме малку различност и свежина. До лето со „Лилит“ во план ни е да организираме и настап во живо.

Супер радио: Пред крај, што најмногу ти недостига од твојот роден Охрид?

Колоска: Спокој, мир и езеро.

Емисијата Radio Corner се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Sky Corner. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ИнПрес фото/видео: ИнПрес

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest