„Транспаренси“: Владата да не го легализира во скратена постапка хотелот во Лагадин

Скопје/Охрид, 12. март 2019 (ИНПРЕС) – Владата и Општина Охрид да не усвојуваат законски решенија што ќе овозможат легализирање дивоизградени објекти, апелира „Транспаренси интернешнл-Македонија“ по најавата од Владата дека конечно решение за хотелот дивоградба во Лагадин ќе се бара со новиот предлог-закон за урбанистичко планирање.

Законот е предвидено да се донесе во скратена постапка, па од „Транспаренси“ потсетуваат дека и претходната власт за потребите на проектот „Скопје 2014“ по скратени постапки ги менуваше законите.

– Апелираме да не се усвојат решенија со кои ќе се овозможи легализација или продолжување со градба на објекти за кои е утврдено дека постојат неправилности и прекршување на повеќе постапки при носењето на општите акти за градба и при давањето одобренија за конкретни објекти, како и за објекти што се наоѓаат во заштитениот појас на езерото, каде што во согласност со Законот за водите е забрането градење градби што би можеле да им штетат на водотекот и на коритото на езерото. Владата и општина Охрид треба да ги почитуваат препораките на УНЕСКО за умерен урбанистички развој на Охрид и во тој правец бараме од органите на централно и на локално ниво да ги почитуваат важечките закони за просторно и урбанистичко планирање, како и за заштита на животната средина и природата. Потсетуваме дека за проектот „Скопје 2014“ неколку закони претрпеа повеќе измени и дополнувања. Законот за градењето претрпе дури 21 измена и дополнување, измени имаше на Законот за просторното и урбанистичкото планирање, на Законот за заштита на културното наследство, а беа донесени и спорни одлуки на Владата на РМ. Да не се дозволи повторување на оваа пракса, предупредува „Транспаренси интернешнл-Македонија“.

Хотелот во Лагадин е изграден во заштитените 50 метри од брегот на езерото каде што е забрането градењето. Градбата прекршува низа закони, но и покрај тоа, премиерот Зоран Заев на сопственикот му вети дека лично ќе се заземе да се реши проблемот кога тој побара да го догради хотелот за да ја фати сезоната. (Крај)

извор: Макфакс фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest