Пробиен и вториот тунел под превојот Пресека

Охрид, 15. март 2019 (ИНПРЕС) – Со мала свеченост денеска во присуство на вработените ангажирани во изградбата на автопатот Кичево-Охрид, беше пробиен и вториот тунел под превојот Пресека, откако на 19-ти ноември минатата година беше пробиен, тогаш најдолгиот друмски тунел во земјава со должина од 1.996 метри.

Вториот тунел е со должина од 2.011 метри, што е воедно најдолгиот друмски тунел изграден во земјава, а целокупната должина на двете тунелски цевки изнесува 4.015 метри. При изградбата на овие тунели изведувачот на работите се соочи со многу проблеми во утробата на планината, од графитни шкрилци, голем број подземни извори, до големи камења самотници и поради сите проблеми на кои наиде, мораше да ги адаптира плановите според составот на земјиштето и условите на теренот, јави Нова Македонија.

– По неполни 5 години интензивна работа успеавме да го пробиеме и вториот тунел под превојот Пресека, што е дел од автопатот Кичево-Охрид. Нашите работници во три смени во екстремно тешки услови и со надчовечки напори успеаја да го финализираат и вториот тунел, кој е воедно најдолгиот друмски тунел во земјава со должина од 2.015 метри. Ова беше наше прво eвропско искуство во изградба на тунели, бидејќи нашата компанија „Синохидро“, претходно беше позната по изградба на брани во голем број земји во светот, потсети Џан Хуа, директор одговорен за изградба на овие тунели.

Тој во понатамошниот разговор потсети дека составот во утробата на планината бил од крајно неблагoродни материјали, бидејќи графитните шкрилци биле многу слаб материјал кој при допир со вода се ронел, а како дополнителен проблем претставувале и подземните води кои во период на пообилни врнежи од дожд знаеле да им направат и поголеми проблеми. Хуа додава дека во првичната верзија на изградбата на тунелите не било предвидено дека ќе наидат на толку тежок терен.

– Поради неповолниот состав на материјалот, мораше да се превземат дополнителни мерки и да се додадат уште две дополнителни класи и цевен штит со инекциона маса. За да се стабилизираат карпите, во плафонот од тунелите се вградени анкери. Овие дополнителни операции овозможуваат тунелите да имаат поголема стабилност и подолг век на траење. Дополнително тунелите по целата своја должина имаат и водоотпорна мембрана или хидроизолација, која ќе овозможи целосна заштита на тунелите од зголемен доток на подземните води. За да го добиеме неопходниот квалитет, се што е во доменот од науката е имплементирано при оваа изградба, како би можеле тунелите да ги задоволат и највисоките стандарди својствени за ваков тип на објекти, додаде Хуа.

За целосно да се оспособат за сообраќај, во двата тунели преостанува да се изврши насипување на коловозот, изградба на тротоари, електрична инсталација и вентилација, да се постават сообраќајни знаци и сигнализација и на крај се изврши асфалтирање на подлогата. По завршувањето на церемонија присутните на овој настан се упатија во кинеската населба на мала закуска. (Крај)

извор: Нова Македонија фото: Нова Македонија

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest