Радески: Правиме големи напори да привлечеме повеќе деца, соработката со приватниот сектор може да се подобри

Охрид, 20. март 2019 (ИНПРЕС) – Супер радио и порталите OhridPress и Inpress иницираат акција „ЗАЕДНО до подобри услови за поквалитетно образование на децата“ за учество на локалната заедница во подобрување на условите во кои учат најмладите во Охрид.

Преку сондажа на состојбите и интервјуа со првите луѓе на образовните институции ќе направиме обид, заедно со приватниот сектор да помогнеме да се подобри состојбата во овој исклучително важен дел од секое општество.

Марјан Радески, директор на ОУТУ „Ванчо Питошески“ од Охрид, во интервју за Супер радио и OhridPress зборува за предизвиците со кои се соочува и потребите на училиштето за што поквалитетен образовен процес.

Супер радио: Од особено значење за Охрид како туристичка дестинација е што има образовна институција од каде произлегуваат квалитетни кадри оспособени за работа во услужниот сектор. Како прв човек на ОУТУ „Ванчо Питошески“ со што се соочивте доаѓајки на оваа позиција, каква е состојбата?

Радески: Доаѓајки на раководното место се соочив со добра ситуација, училиштето ги реализираше зацртаните активности и работеше тековно, не наидов на некои потешкотии. Финансиската состојба на училиштето е стабилна и во добра кондиција. Продолжуваме во таа насока. Во однос на училиштето како значајна образовна институција, започнавме со продолжување на затекнатите проекти. Ова училиште е од особен интерес за градот и за целиот регион, бидејќи продуцира стручни кадри, кои во иднина ќе бидат носители на туристичката и угостителската дејност.

Супер радио: Главна цел и задача на установата е образование на кадри од областа на угостителството и туризмот за потребите на стопанството. Училиштето има и сопствен дом за сместување на средношколците. Збор два и за профилите/струките што ги нудите.

Радески: Училиштето има долгогодишна традиција, датира уште пред 50-на години и продолжуваме и понатаму. Струките кои ги нудиме се: има два тригодишни профили (готвач и келнер); од четиригодишните ги имаме хотелско-туристички техничар, хотелско-туристички техничар за рурален туризам и угостителски техничар. Од следната учебна година се надеваме дека ќе ни биде овозможена уште една струка која беше направена во соработка со туристичкиот сектор, тоа е туристички аниматор. Така што во учебната 2019/2020 година ќе имаме 4 четиригодишни струки во училиштето. Се надевам дека интересот ќе биде зголемен во однос на минатите години. Учениците најмногу се одлучуваат за струката угостителски техничар, во која се споени келнер и готвач, преку која учениците може да научат занает, да работат и како келнери или готвачи, а може да го продолжат и понатаму своето образование. Во склоп на наставните програми реализираме и редовни екскурзии, лани остваривме посета на винарија, каде учениците се запознаа со производниот процес, годинава е предвидена посета на пивара.

Супер радио: Сведоци сме во нашиот град особено во овој период пред сезона, бројни се огласите на угостителите кои бараат келнери, шанкери, готвачи. Колку ученици имате сега, каков е воопшто интересот кај основците да продолжат со школување овде, со оглед на тоа што по завршувањето веќе имаат некаков занает и се подготвени да излезат на пазарот на трудот, а доколку сакаат може и да го продолжат школувањето на охридскиот факултет?

Радески: Состојбата со бројот на ученици не е на задоволително ниво, како што беше минатите години. Причината би ја лоцирал во повеќе фактори. Населението во градот се намалува, голем број луѓе се отселија, меѓутоа еден од позначајните фактори е и неинтересот на учениците за продолжување во угостителството, односно работа во туристичкиот сектор. Убаво кажавте, сведоци сме дека има голем број на угостителски објекти, хотели, во најава има и изградба на уште и сето тоа побарува и работна сила. Ние како училиште се трудиме да ги задоволиме потребите на угостителите, меѓуоа, во последно време и не можеме, бидејќи се соочуваме со намален број на ученици. Посебно тука би го истакнал помалиот број на ученици од Охрид и охридскиот дел. Ние како училиште се трудиме да го зголемиме бројот на ученици преку презентации, одиме и во другите градови, им ги кажуваме предностите и убавите страни на тоа да се работи во угостителството. Правиме големи напори да привлечеме повеќе деца. Во моментов имаме околу 200 ученици. Тука многу ни помага и ученичкиот дом со капацитет од 120 лица. Има ученици и од други градови кои се сместуваат тука. Овде се сместени не само ученици кои се школуваат во ОУТУ „Ванчо Питошески“, туку и ученици од другите средни училишта во Охрид.

Супер радио: Потврда за квалитетот на образованието е што ваши ученици се враќаат како прваци од разни кулинарски натпревари, тука еве ќе го споменеме и меѓународниот натпревар Гастро Мак. Што уште е планирано на овој план до крај на годината?

Радески: Наши ученици учествуваа на меѓународниот натпревар на Гастро Мак, каде се стекнаа со високи награди, освоија едно прво место, две втори и имаа добиено разни пофалници, кои им даваат понатамошен мотив за работа. Покрај ова, учествуваме и на други државни натпревари, учествувавме на „Лидер на струка“ каде освоивме две први места и едно второ место. Од особено значење е да се каже дека учениците со задоволство ги прифаќаат овие натпревари и учествуваат со голема мотивација. Голем дел од нашите ученици кои учествувале на тие натпревари и покажуваат поголем интерес и успех, веќе имаат и работни задачи. Поголем дел од нив веќе во пролетниот, летниот период се ангажирани во угостителските објекти на охридската ривиера. Тие веќе се работно ангажирани.

Супер радио: Преку програмата Еразмус плус неодамна дел од учениците се вратија од Барселона каде стекнаа нови практични знаења и вештини од областа на туризмот и угостителството. Дали ќе се продолжи со ваквите работни пракси кои ќе им помогнат на учениците во професионалната кариера?

Радески: Со гоелмо задоволство може да се пофалам во однос на реализацијата на тие Еразмус плус проекти. Ние сме едно од училиштата во Македонија кое што аплицираше и на големо задоволство, мое и на вработените, доби бројни проекти. Минатата година реализиравме три проекти. Учениците беа во Барселона 20 дена,каде се стекнаа со непроценливи знаења, а добија и сертификати кои се меѓународно признати. Имавме обука за професори во Мадрид, пет професори учествуваа на осумдневна обука. Збратимени сме со училиште од Крагуевац, каде што како партнер училиште заедно учествувавме на проекти кои се одржаа таму, под покровителство на Еразмус. За оваа учебна година добивме четири проекти, дел веќе реализиравме. Ни остана за реализација уште еден проект, за обука во Сицилија, на Броло, кој ќе се одржи на 30-ти март, 19 ученици ќе одат таму со тројца професори и таму ќе престојуваат до 20-ти април.

Супер радио: Кон успесите кои ги постигнуваат учениците секако придонесуваат и условите во кои се школуваат. Помошта секогаш е добредојдена. Во која насока овде може да излезе во пресрет приватниот сектор, да продонесе за подобро функционирање на училиштето?

Радески: Ние во изминатиот период имаме убава соработка со угостителскиот сектор, соработуваме на начин што учениците посетуваат пракса кај нив, во хотелите, рестораните и локалите долж охридско-струшката ривиера. Оваа соработка понатаму продолжува и се продлабочува. Но, треба уште да се подобри соработката во однос на зголемување на ученици, кои подоцна би одговориле на барањата на пазарот на трудот. Угостителскиот сектор ќе има подобро обучен кадар, што директно ќе влијае врз квалитетот на услугите. Ние мора да внимаваме на тој аспект, посебно што сме во Охрид како центар на туризмот, не само регионален, туку и балкански, па се стремиме да го зголемиме и квалитетот и бројот на ученици кои би се школувале кај нас. Тука мора да ја споменам и поддршката од локалната самоуправа, наидуваме на добра соработка и разбирање. Веќе имаме аплицирано за неколку проекти во однос на инфраструктурно уредување на училиштето. Тука е проектот за промена на азбестната кровна конструкција, кој се надеваме дека ќе ни биде одобрен и годинава ќе го реализираме. Исто тука ќе ги споменам апликациите за санација на санитарните чворови. Секако работиме и на подобрување на условите во домот. Презедовме повеќе активности, се променија вратите, имаме најава од министерство за образование и за внатрешно уредување на собите. Аплициравме исто така на проект во Светска банка за промена на кровната конструкција во домот и вградување на сончеви колектори, кои ќе ни донесат голема заштеда на енергија и секако подобри услови за сместување во домот, а ќе бидеме корисни и за животната средина. Дел со сопствени средства, со помош од локалната и министерството се трудиме да ги подобриме условите. Потребните нагледни средства за кабинетите по практична настава и готварство ги обезбедуваме редовно, се` што им треба е ставено на располагање. Во тој поглед немаме потешкотии.

Image may contain: text

Во текот на февруари и март Супер радио, OhridPress и Inpress ќе ја раелизираат акцијата „ЗАЕДНО до подобри услови за поквалитетно образование на децата“. Сите знаеме какви се условите во кои е државата и локалната заедница, но знаеме и дека децата се нашата иднина и токму влогот во квалитетно образование, со современи наставни помагала и во чекор со светските трендови и потреби во оваа област е од огромно значење. Генерациите се менуваат, секоја година има нови и нови деца, но за жал и нови и нови изговори за некои состојби кои, од овие или оние причини тешко и споро се менуваат.

Апелираме до сите поголеми компании од Охрид и пошироко, кои можат да помогнат да се вклучат (superradio@superradio.com.mk или 046/260-078) во акцијата и преку соодветни донации да помогнеме за поквалитетно образование на децата. Потребите често не се толку големи колку што имаме впечаток и сите заедно можеме да направиме МНОГУ.

Да вложиме заедно во најскапото што го имаме, во иднината и образованието на нашите деца. (Крај)

извор: ИнПрес фото/видео: ИнПрес

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest