vmrosdsmohrid

ВМРО ДПМНЕ ја почнува, СДСМ ја завршува изборната кампања во Охрид

Охрид, 21. март 2019 (ИНПРЕС) – Охрид, според навестувањата, ќе биде во центарот на претстојната изборна кампања за претседател на државата, што е очекувано со оглед на поклопувањето со вонредните избори за градоначалник на оваа општина, која важи за една од најатрактивните во државата, а во минатото таму се бележеа чести осцилации во политичкото расположение на граѓаните.

ВМРО-ДПМНЕ, традиционално, и за претстојните избори го избра Охрид како стартна позиција за кампањата, која почнува на 1-ви април. СДСМ, пак, планира таму да го одржи завршниот митинг пред првиот изборен круг, односно на 18-ти април, пред почетокот на изборниот молк.

Исто како и пред предвремените парламентарни избори во декември 2016 година, карваните на двете најголеми партии и годинава, најверојатно, ќе стартуваат од Охрид и од Прилеп, каде што владејачката коалиција ќе го одржи првиот митинг, а неколку часа пред тоа претседателскиот кандидат Стево Пендаровски, всушност, ќе го има првиот кампањски настап во Крушево. Од СДСМ велат дека последните кампањи ги почнуваат од Прилеп како симбол на победа што, како што велат, беше потврдено и на последните локални избори.

Двете најголеми партии, според најавите, централните митинзи во Скопје ќе ги одржат кон средината на кампањата, односно ВМРО-ДПМНЕ на 13-ти, а СДСМ на 14-ти април.

За Охрид се знае дека кандидат на СДСМ е в.д. градоначалникот Константин Георгиески, а на ВМРО-ДПМНЕ Митре Милошевски. За разлика од изборната битка на централно ниво која ќе биде „професорска“, со оглед на тоа што тројцата кандидати доаѓаат од универзитетската фела, битката за Охрид ќе биде „лекарска“, ако се има предвид дека и Георгиески и Милошоски се лекари по професија – првиот интернист, а вториот неврохирург.

Вечерва на полноќ истекува рокот за доставување на кандидатурите до ДИК, односно ОИК.

Целиот текст прочитајте го ТУКА. (Крај)

извор: Независен фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest