Георгиески: Денеска е голем ден за Охрид, започна раздолжувањето на општината

Охрид, 2. април 2019 (ИНПРЕС) – Советот на општина Охрид на денешната седница го усвои извештајот за вкупниот договорен износ по доверители за финансирање на доспеани, а неплатени обврски на општина Охрид и единки корисници до 30-ти септември 2018 година.

Со усвојувањето на извештајот, како што рече вршителот на должност градоначалник на Охрид, д-р Константин Георгиески во изјавата за медиумите, започнува процесот за раздолжување на општина Охрид.

– Денеска е голем ден за општина Охрид и нејзините граѓани. По макотрпна и посветена работа, со помош на Владата, почнуваме со реализација на процесот на раздолжување на општината, нејзина финансиска консолидација и почеток на нов развоен циклус. Со донесување на одлуката за усвојување на извештајот за вкупниот договорен износ по доверители за финансирање на доспеани, а неплатени обврски на на денешната седница на Советот, општина Охрид ќе го намали вкупниот долг за 948.023.989 денари или за 15.400.000 евра од кои 495.679.436 денари се средства согласно Законот за финансиска поддршка обезбедени од Владата на Република Северна Македонија, 260.000.000 денари по основ отпис на камати и 192.344.553 денари средства кои ќе ги обезбедиме во наредниов период од основниот буџет по основ на склучување спогодби со доверителите. Со донесување на оваа историска одлука за општина Охрид, вкупниот долг ќе се сведе на ниво од 530.000.000 денари со што општината ќе го подобри кредитниот рејтинг. Со тоа ќе се овозможи полесно задолжување на пред домашните и странските финансиски институции и банки, како и полесен пристап до европските фондови. Крајната цел е во наредните две година, по две децении, сметката на општината да биде одблокирана. Согласно Законот за финансиска подршка на единиците на локална самоуправа и единките корисници од областа на образованието општина Охрид доби од Владата 495.277.521 денари за финансирање на 51% од пријавените доспеани, а неплатени обврски со датум 30.09.2018 година, истакна Георгиески.

Општина Охрид, согласно законот распиша Јавен повик за пријавување на доспеаните а неплатени обврски кон доверителите заклучно со 30.09.2018 година. На повикот, со цел спогодбено утврдување на долгот, се пријавиле повеќе од 100 доверители.

– Приоритет при исплата на доспеаните, а неплатени обврски имаат доверителите со кои спогодбено е постигнато целосно откажување на каматата односно намалување на главницата. Со 35 доверители е постигнато целосно откажување од каматата. По завршување на процесот на преговарање успеавме да оствариме заштеда односно намалувањето на долгот на општината само по основ на камати од 260.000.000 денари до денот на донесување на одлуката, што ми дава за право да кажам дека имавме успешен процес на преговарање, рече во изјавата за медиумите в.д градоначалникот на Охрид Константин Георгиески. (Крај)

извор: Општина Охрид фото: Општина Охрид

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest