Кандидатите за градоначалник на Охрид на Супер радио и OhridPress: Денешен гостин д-р Митре Милошевски

Охрид, 16. април 2019 (ИНПРЕС) – Супер радио и OhridPress ја продолжуваат традицијата на поблиско претставување на кандидатите за градоначалник на Охрид.

Откако беше направено интерно извлекување на редоследот, беа направени контакти со изборните штабови на кандидатите и беше договорен календарот на гостување.

Покрај секојдневното „бомбардирање“ со политички пораки, насоки за менување на градот, посочувања на проблеми и лоши искуства од минатото, Супер радио и OhridPress ќе се обидат да Ви ги претстават и нивните лични профили.

– Сакаме да ги доловиме малите човечки моменти, животни патеки, образование, лични приказни, од каде доаѓаат и каде сакаат да се движат, заедно со градот во иднина, информираат од Супер радио.

Претходни гости, веќе ни беа Џемал Мена, кандидат на Движењето БЕСА, Стевче Стевоски од партијата Демократи и Михаил Трендафилов Нанче од ГДУ. Денешен гостин е кандидатот за градоначалник на Охрид од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, д-р Митре Милошевски.

Интервјуата се емитуваат во терминот од 12:30 до 13:00 часот, во аудио и видео форма од новиот хотел Sky Corner, од каде кандидатите ќе имаат прекрасен поглед кон Охрид, градот за кој се „борат“.

За престижната функција прв човек на Охрид ќе се борат: д-р Константин Георгиески од СДСМ, д-р Митре Милошевски од ВМРО-ДПМНЕ, Михаил Трендафилов Нанче од ГДУ, Стевче Стевоски од партијата Демократи и Џемал Мена, како кандидат на Движењето БЕСА.

Охриѓани на 21-ви април ќе избираат нов градоначалник, откако на 15-ти декември минатата година, ненадејно почина досегашниот градски татко, проф. д-р Јован Стојаноски. На први април започна изборната кампања, која ќе трае до 19-ти април на полноќ. Право на глас во Охрид имаат 52.303 гласачи. (Крај)

извор: ИнПрес фото: ИнПрес

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest