Сиљановска во Гевгелија: Само ако власта е во вистински раце, можеме да создадеме амбиент за промени

Гевгелија, 16. април 2019 (ИНПРЕС) – Кандидатот за претседател Гордана Сиљановска Давкова синоќа се обрати на граѓаните во Гевгелија.

Сиљановска Давкова посочи дека политичарите својот легитимитет го црпат од народот и дека токму народот на 21 април а потоа и на 5 мај ќе одлучат дали се задоволни од оваа власт која што, според нејзе, не направи ништо добро за граѓаните.

– Вие сте тие кои давате и одземате легитимитет. Вие сте тие од кои зависи нашиот мандат, нивниот мандат и вие оценувате. Дојде време да го кажете последниот збор дали сте задоволни од оваа власт или не. Одговорот е јасен. Зошто јас како некоја која имаше прекрасен универзитетски дом одлучив да се борам за подобар политички дом, за македонски дом. Ако цел живот ги учам студентите на критика, на критички однос, на критичка промисла, на цврста одбрана на ставовите, сигурно тоа не го правам случајно, туку зошто мислам дека не сте ни човек ако немате свој став, ако не го браните ставот со аргументи а не со лаги, ако не учите на отпор, ако не учите на реформи, ако не учите на промени, вели Сиљановска Давкова.

Според неа, само доколку власта е во вистински раце може да се направат вистински промени и реформи, потенцирајќи дека со владата на СДСМ и Заев тоа е невозможно бидејќи тие за овие две ипол години не направија ништо освен промена на името на Република Македонија. (Крај)

извор: Плус инфо фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest