Со освоени 16.523 гласови д-р Константин Георгиевски и официјално е новиот градоначалник на Охрид

Охрид, 5. мај 2019 (ИНПРЕС) – Со освоени 16.523 гласови, односно 54,36% од избирачите, д-р Константи Георгиески, како кандидат на СДСМ и коалицијата и официјално е новиот градоначалник на Охрид.

Неговиот противкандидат, д-р Митре Милошевски, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешните избори освои 12.668 гласови, односно 41,68% од гласачите кои излегоа да го дадат својот глас.

Image may contain: 2 people

Според официјалните податоци за постигнатите резултати на Државната изборна комисија (ДИК), на денешните избори во Охрид гласале 30.397, односно 58,12% од граѓаните пријавени на Избирачкиот список. Тоа е зголемување за над 2.000 гласа, односно над 4% во однос на првиот круг, кој се одржа пред две недели. Тогаш гласот до дадоа 28.118 граѓани, односно 53,84% од гласачите пријавени на Избирачкиот список.

Image may contain: 3 people

Паралалено со локалните избори, денес се одржаа и претседателските избори. Граѓаните избираа помеѓу кандидатот Стево Пендаровски од СДСМ и коалицијата кој освои 436.212 гласа (51,66%) и Гордана Сиљановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ, за која гласаа 377.713 граѓани (44.73%). Во Охрид сепак победата ја однесе Сиљановска Давкова со 15.127 гласа (49,77%) пред Пендаровски со 14.107 гласа (46.107). Кандидатот за градоначалник Георгиевски освои 2.416 гласа повеќе од партискиот кандидат за претседател.

Во првиот круг кој се одржа на 21-ви минатиот месец, д-р Константин Георгиески од СДСМ освои 13.037 гласа, д-р Митре Милошевски од ВМРО-ДПМНЕ 10.614. Во првиот круг учествуваа уште и Михаил Трендафилов Нанче од ГДУ кој освои 1.655, Стевче Стевоски од партијата Демократи кој го заврши изборниот циклус со 1.003 и Џемал Мена, како кандидат на Движењето БЕСА со 553 гласа.

Во првото обраќање пред охриѓани, Георгиески, кој изминативе неколку месеци ја вршеше должноста градоначалник, истакна дека Охрид избрал да оди Заедно напред.

– Јасно и недвосмислено одиме кон европска иднина на нашиот град. Сакам да им се заблагодарам на сите кои ја поддржаа мојата кандидатура, на моето семејство и на мојот тим кој беше цело време со мене. Сега ќе славиме, а од утре ќе започнеме со работа, порача Георгиевски, прогласувајќи ја победата пред Изборниот штаб во Охрид.

По објавата на изборната победа, славењето продолжи по улиците на Охрид, по што поворката пристигна на Градскиот плоштад, каде повторно им се обрати Георгиески:

– Како што се залагав како советник за градот и овие пеколни месеци како в.д градоначалник, така и ќе продолжиме. Сите проекти, сите идеи и сите заложби ќе продолжат. Ќе работиме уште попосветено, уште понапорно затоа што обврската од 4.000 гласови разлика е уште поголема, како и енергијата која се чувствува овде. Вие сте срцето и душата на Охрид и заедно ќе продолжиме напред. Ќе работиме сложно. Запомнете, трпението секогаш носи успех, бидете трпеливи и ќе направиме се` за градот. Македонија денес доби и претседател. Му честитаме на Стево Пендаровски. Граѓаните го одбраа вистинскиот – европски пат, кој води кон европска демократија, пат кој ќе не однесе онаму каде што припаѓаме, истакна Георгиевски во обраќањето од Градскиот плоштад во Охрид.

Во Охрид на избирачкиот список се запишани вкупно 52.303 лица, кои го дадоа гласот на 88 избирачки места. Вчера, своето право на глас го остварија болните, раселените лица и затворениците.

Изборите ги следеа 3.381 домашни и 520 странски набљудувачи, како и 289 преведувачи и 60 странски новинари акредитирани од ДИК.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по завршувањето на гласањето во вториот круг од изборите истакна дека имавме изборен ден со незначителен број на неправилности, без нарушување на јавниот ред и мир.

Охриѓани избираа нов градоначалник, откако на 15-ти декември минатата година, ненадејно почина досегашниот градски татко, проф. д-р Јован Стојаноски. (Крај)

извор: ИнПрес фото/видео: ИнПрес

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest