Папата Франциск во прва посета на Македонија

Скопје, 7. мај 2019 (ИНПРЕС) – Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск денеска ќе престојува во прва посета на Македонија.

Покрај религиозната симболика, посетата има големо политичко значење, велат упатените, според кои, меѓу другото, со неговото доаѓање тој испраќа своевидна порака за поддршка на нашата евроатланска ориентација. Поранешниот дипломат Благој Зашов вели дека папата доаѓа во многу значајно време, а тоа е периодот во кој, според него, државата успеа да реши некои спорови со соседите преку потпишување на соодветни договори.

– Папата е голем државник за кој иако се мисли дека раководи само со Католичката црква, тој во исто време има влијание и во европските и светските кругови за решавање на различни спорови и тешки прашања кои се јавуваат насекаде низ светот. А, Балканот е таков терен за кој неговото доаѓање може да помогне да се решат и некои работи на подобар начин отколку во минатото, вели Благој Зашов.

Тој не очекува папата да испрати директни политички пораки зошто, како што додава, се работи за вешт дипломат.

– Тој е голем дипломат и можеби нема да брза сега нешто да изјави, но верувам дека, ако не сега, подоцна тој и јавно или преку контактите со светските државници, ќе го спомене и нашиот придонес кон решавањето на отворените прашања со соседите, вели Зашов.

Надлежните уверуваат дека во функција на успешна реализација на посетата се преземени сите неопходни мерки и активности во координација со надлежните служби од земјата и Ватикан.

На светата литургија која на 7-ми мај папата ќе ја одржи на Плоштадот „Македонија“ граѓаните не смеат да аплаудираат, ниту да му фрлаат цвеќиња. Граѓаните кои ќе се движат кон Скопје со автомобили и автобуси треба да бидат обележани со плакат или некаков знак за распознавање, а се препорачува тоа да биде официјалното лого за посетата. На влезовите во градот ќе има полиција која ќе ги насочува кон паркингот каде ќе ги дочекаат волонтери кои ќе ги насочуваат кон плоштадот каде ќе се одржува Светата миса на која се очекува да присуствуваат најмалку 15.000 верници.

Папата Франциск покрај литургијата на плоштадот ќе се сретне и со претседателот Ѓорге Иванов и премиерот Зоран Заев. Во спомен куќата на Мајка Тереза на улица „Македонија“ ќе се сретне со поглаварите на сите верски заедници.

Посетата се случува во годината во која Ватикан и Македонија одбележуваат 25 години од воспоставувањето на дипломатски односи. (Крај)

извор: slobodnaevropa.mk фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest