Општина Охрид го активираше општинскиот кризен штаб и презеде мерки за брзо интервенирање при евентуални штети од невремето

Охрид, 12. мај 2019 (ИНПРЕС) – Согласно актуелната временска состојба и хидролошката најава од УХМР за серија на врнежи од дожд од над 50л/м2, општина Охрид, го активираше општинскиот кризен штаб и преземени се соодветни подготвителни мерки за брзо и навремено интервенирање при евентуални несакани штети, кои би можеле да се појават како последица од невремето.

– Упатуваме препорака до граѓаните на сите населени места од нашата општина, да ги преземат сите мерки за заштита на својот имот, а земјоделците да ги следат насоките и препораките од надлежното министерство, информираат од општина Охрид.

Со посебно предупредување денес излегоа и од Центарот за управување со кризи (ЦУК), по најавите за обилни врнежи и невреме во делови од државата.

– Од УХМР известуваат дека под влијание на серија влажни бранови попладне и во наредните денови времето ќе биде претежно облачно и нестабилно, на повеќе места со обилни врнежи од дожд (над 50 л/м2, а во крајните западни и југоисточни делови и над 70 л/м2 за целиот период). Локално процесите ќе бидат во форма на невреме со грмежи, засилен ветер и појава на град, информираат од ЦУК.

Додаваат дека за ваквите временски услови ги известиле единиците за локална самоуправа (ЕЛС), со цел да се стават на располагање расположливите ресурси и да се преземат превентивни мерки за да се спречи евентуално излевање на реките и акумулациите.

– Во случај на ризик или опасност предизвикани од временските услови, граѓаните да пријават на бесплатниот телефонски број 195, во Центарот за управување со кризи, потенцираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК). (Крај)

извор: ИнПрес/ЦУК фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest