При крај се подготовките за Ohrid Trail 2019

Охрид, 15. мај 2019 (ИНПРЕС) – При крај се подготовките за првото издание на новата спортска манифестација Ohrid Trail 2019, што ќе се одржи на 25-ти мај.

Асоцијацијата за спортови „Спорт за сите-сите за спорт“ и здружението „Трекс“ имаа работна средба со координативното тело и претставници на државните инстутиции инволвирани во организацијата на настанот.

Со тоа во завршна фаза влегуваат подготовките за планинарската трка што ќе се одржува на планината Галичица, а која вклучува две трки на 35 и 60 километри.

– Одржаната средба имаше за цел организацијата да биде на високо ниво, со акцент на безбедноста на учесниците и нивното здравје. Двете трки континуирано ќе бидат следени и придружувани од здраствени и спасителски служби и волонтери со големо искуство во организирање слични настани, изјави Јоне Станкоски од Асоцијацијата за спортови „Спорт за сите-сите за спорт“.

На овој настан право на учество имаат сите лица со наполнети 18 години, а можат да учествуваат во две трки – 35 и 60 километри. Првата трка е онаа од 60 километри со висинска разлика од 3.140 метри, ќе започне во 08:00 часот од манастирскиот комплекс „Св. Наум“ и продолжува до врвот „Магаро“. Потоа по природните патеки кои ги има Галичица, а кои се одбележани, учесниците се движат до крајот на планината, односно Леница, од каде се продолжува до градскиот плоштад. За трката од 35 km стартот е во 10:00 часот од кампот „Елешец“, а висинската разлика за оваа трка е 1.470 метри За трките постои и временско ограничување, за малата трка 9, а за големата 15 часа.

На десет дена до самиот настан досега учество имаат потврдено над 150 натпреварувачи од 18 земји, со последен рок за пријавување 19-ти мај.

Дејан Крле од „Трекс“ истакна дека временските услови не се клучен фактор во настанот и оти сите натпреварувачи се свесни за предизвиците.

– Временските услови не се клучен фактор во настанот, бидејќи сите учесници се искусни и свесни за предизвиците со кои се сочуваат по трката. Во текот на трката може да се случи да врне снег и дожд, а потоа да изгрее Сонце, а всушност тука е целиот шмек што го нуди трката. Добриот прием и соработка со домаќините ни дава голема надеж и самодоверба дека се ќе помине во најдобар ред и учесниците ќе си заминат од Охрид полни со позитивни впечатоци, истакна Крле.

Пријавувањето за учество на манифестацијата осмислена за промоција на убавините на градот Охрид, планината Галичица и регионот на Охридското Езеро сите заинтересирани можат да го направат на официјалната страница ohridtrail.mk. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest