Охридските пожарникари го одбележаа Денот на пожарникарството (Фото)

Охрид, 20. мај 2019 (ИНПРЕС) – Со дефиле на противпожарните возила низ улиците на Охрид и свечен прием охридските пожарникари го одбележаа Денот на пожарникарството, 20-ти мај.

Празникот на пожарникарите им го честита и градоначалникот на Охрид, д-р Константин Георгиески, кој ја потенцира добрата соработка со Територијалната противпожарна единица.

– Ние како локална веќе работиме на изготвување на план за одредена модернизација и возообновување, како на материјалните средства така и на возниот парк и на други потреби на противпожарната единица. Имаше некој проблем од минатото со заостанати неисплатени прекувремени часови работа, тоа го решивме минатата година, рече Георгиески.

Од почетокот на годинава досега охридската противпожарна единица бележи 222 интервенции што е голема бројка, имајќи го предвид фактот дека во меѓупразничниот период од 20-ти мај 2018 до денес пожарникарите имале вкупно 370 интервенции. Ние високо професионално се справуваме со сите проблеми и предизвици кои неочекувано се појавуват како проблем кај граѓаните, потенцира командирот на ТППЕ, Спасе Прентоски.

– Изминатата 2018-та година ТППЕ Охрид имаше 286 интервенции од сите видови пожари, на објекти, отворен простор и сообраќајни незгоди. Само оваа година од почеток до денес има 222 интервенции што можам да констатирам дека е многу голем број. Карактеристично беше во првото тромесечје годинава во месец март беше како некоја манија на палење пожари на отворен простор и така дојде до оваа бројка. Ако продолжи ова годинава ќе ја надминеме бројката од 355 пожари кои ги имавме во 2017 година, кога најмногу беа во летниот период, потенцира Прентоски.

Тој уште еднаш упати апел до граѓаните во Охрид и Дебрца да внимаваат кога планираат да користат оган, соодветно да испланираат, по користење да го заобиколат, да го изгаснат, бидејќи од само една искра може да настане катастрофа.

Традиционално секоја година во земјава на различни начини се одбележува 20-ти мај – Денот на пожарникарството. На овој ден во 1836 година во Битола е формиран првиот противпожарен одред. (Крај)

извор: ИнПрес фото: ИнПрес

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest