Од почетокот на годинава охридските пожарникари интервенирале 222 пати, 93 само во март

Охрид, 20. мај 2019 (ИНПРЕС) – Од почетокот на годинава досега Територијалната противпожарна единица Охрид имала вкупно 222 интервенции.

Само во месец март биле евидентирани 93 пожари на отворен простор кога беше опожарена голема површина на вегетација во области каде гравитираат луѓе. Ова е голема бројка, ако се земе во предвид фактот дека во 2018 година биле забележани 286 интервенции од сите видови, на објекти, отворен простор и сообраќајни незгоди. Пожарите во 99% се поведение на граѓаните, дали со намера или од невнимание, вели командирот на Територијалната противпожарна единица Охрид, Спасе Прентоски.

– Карактеристично беше ова прво тромесечје, во март беше како некоја манија на палење пожари на отворен простор и така дојде до оваа бројка. Ако се продолжи вака,посебно како првото тромесечје, годинава ќе ја надминеме бројката од 355 пожари кои ги имавме во 2017 година, кои беа најмногу во летниот период. Во периодот од 20-ти мај 2018 до денес
имавме вкупно 370 интервенции, но сепак ние високо професионално се справуваме со сите проблеми и предизвици кои неочекувано се појавуват како проблем кај граѓаните, подвлече Прентоски.
Од охридската пожарна порачаа до граѓаните, посебно во пресрет на сезоната, да внимаваат и да не палат оган на отворено. Како што наближува летото и можноста за пожари е поголема. Во зависност од временските прилики, бројот на пожари на отворен простор се очекува да биде најголем во јули,август и дел од септември.

Охридските пожарникари достојно го одбележаа Денот на пожарникарството, 20-ти мај. Се одржа дефиле на противпожарните возила низ улиците на Охрид, а имаше и свечен прием во просториите на единицата. (Крај)

извор: ИнПрес фото: ИнПрес

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest