Бугарскиот ултрамаратонец Красимир Георгиев помина низ Охрид како дел од проектот „Коридор 8 “ (Фото/Видео)

Охрид, 21. мај 2019 (ИНПРЕС) – Бурарскиот ултрамаратонец Красимир Георгиев престојуваше во Охрид, во рамки на неговиот проект наречен „Коридор 8”, трчајќи 1.000 километри од Црното до Јадранското море.

Георгиев тргна од Варна пред 13 дена, помина низ неколку бугарски градови, продолжи од Крива Паланка преку Скопје, Тетово, Кичево, а синоќа стигна во Охрид.

Проектот се нарекува #Сврзаност, бидејќи целта на овој ултрамаратон да се подигне свеста кај локалните власти во Бугарија, Македонија и Албанија за потребата на развој на овој патен правец со цел олеснување на патувањето на луѓето што живеат на овие простори.

– Целта ми е да се развие овој Коридор, да се поврзат соседите. Ние многу повеќе знаеме за некои подалечни земји, а не си ги познаваме соседите. Ние на Балканот треба да се запознаеме и да се поддржуваме. Денес сум во Охрид, град кој е дел од Коридор 8, од тука заминувам за Албанија, ќе поминам низ Елбасан, Тирана за да стигнам до последната точка од рутата, Драч. Со ова сакам да упатам порака до политичарите да се развие патниот правец, да може полесно и побрзо да стигнуваме од една до друга точка и да соработуваме, изјави Георгиев за Супер радио и OhridPress.
Утринава Георгиев се сретна со секретарот на општина Охрид, Игор Бежоски.

– Особено ни е чест што вашата рута поминува и низ Охрид. Добра е пораката што сакате да ја испратите преку овој подвиг, да привлечете внимние на политичарите да водат повеќе сметка за важноста на Коридорот 8, рече Бежоски.

Георгиев на Бежоски му подари плакета со логото на проектот, бидејќи и Охрид е дел од Коридор 8.

Бугарскиот ултрамаратонец оствари средба и со радио водителиот на Супер радио, Жанко ЗШ Голабоски, со кој имаат големи сличности во изгледот. Па, Георгиев се пошегува дека благодарение на овој проект дозна дека имал „близнак“ во Охрид.

Красимир Георгиев е познат бугарски ултрамаратонец кој досега има учествувано на некои од најтешките ултрамаратони низ светот како Бед Вотер во САД – 220 километри во т.н. Долина на смртта и Џангл Ултра 230 километри во Амазон. Минатата година тој трчаше на лента 36 часа во добротворни цели. (Крај)

извор: ИнПрес фото/видео: ИнПрес

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest