Премиерот Заев преку дијалог ќе бара решение за реконструкцијата на Али Пашината џамија

Скопје, 21. мај 2019 (ИНПРЕС) – Ова е типичен пример на верска потреба која се јавува кај одредена група граѓани. Само заедно можеме да го решиме тоа. Ќе продолжиме да разговараме. Институциите мора да се почитуваат, изјави премиерот Зоран Заев во однос на реакциите околу градежните работи на Али Пашината џамија во Охрид.

– Нема никакви ветувања. Ветувањата беа да седнеме и низ разговор да го решиме овој проблем. Охрид е пример на соживот, пример на „Едно општество за сите“ за што денеска говориме преку Нацрт националната стратегија, подвлече премиерот Заев.

Главниот проблем со Али Пашината џамија во Охрид е минарето што треба да биде високо 32 метри и чија изградба не е дел од конзерваторско-реставратотските работи на објектот.

Од „Совест“ преку мирен протест побараа државата, инстититуциите, градоначалникот и премиерот да ги преземат своите надлежности и законот да важи за сите

Членови на Здружението на граѓани „Совест“, граѓани на Охрид и поддржувачи на нивната иницијатива, вчера пред зградата на општина Охрид, на улицата „Димитар Влахов” во Охрид, одржаа протест со цел стопирање на изградбата на минарето на Али Пашината џамија.

– Целта е да се промени физиономијата и карактерот на градот, а зад ова стојат цели и стратеги кои не се добронамерни и во чија реализација учествуваат, свесно или не институциите на државата. Со жалење констатираме дека ниту Управата за заштита на културното наследство, ни Државната урбанистичка и градежна инспекција, ниту судот не се на ниво на своите надлежности и не покажуваат решеност да стават мораториум на градба, која макар задоцнето е прогласена за нелегална. Констатациите на испекциските служби од управата се само рефлексии од најавата за граѓански бунт и само обид за амнестија за направените пропусти од надлежните во издавање на конзерваторско одобрение. Испративме повеќе дописи до светскиот центар за културно наследство на УНЕСКО во Париз со цел да го исвести за немоќта на македонските државни институции. Добивме повратно известување дека проблемот со зголемен обем на нелегални градежни активности во заштитеното централно градско јадро, како и околу Али Пашината џамија ќе влезе на дневен ред на 43-та сесија на Советот во текот на оваа година, истакнаа вчера од „Совест“. (Крај)

извор: ИнПрес/МИА фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest