han-1

Европската комисија препорача да се почнат преговори со Република Северна Македонија за членство во ЕУ

Брисел, 29. мај 2019 (ИНПРЕС) – Република Северна Македонија доби препорака за отпочнување на преговори со Европската Унија. Ова денеска го потврди еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, кој пред Комитетот за надворешна политика на Европскиот Парламент , кој ќе расправа по ова прашање, го претстави пакетот за проширување на ЕУ. Препорака за отварање преговори доби и Албанија.

Еврокомесарот Хан повтори дека Европската Унија останува партнер на земјите од Западен Балкан и ги пофали реформите кои двете земји ги постигнале во изминатата година.

– Северна Македонија не само што продолжи со својата амбициозна реформска агенда, туку и го постигна историскиот договор со Грција, решавајќи го долгогодишниот спор за името. Ова заедно со билатералниот договор со Бугарија е пример за зајакнување на добрососедските односи во целиот регион. Ова е светол пример за другите земји и сведочи за привлечната моќ на европската перспектива. Двете земји испорачаа резултати во реформите кои беа едногласно усвоени на Советот во јуни 2018 година. Врз основа на тоа Комисијата препорачува Советот да ги отвори преговорите со Албанија и Северна Македонија, сега, рече Хан во своето обраќање.

Хан додаде дека со цел да се задржи довербата во Унијата и земјите членки и тие треба да се држат до своите обврски и да одговорат јасно и позитивно, тогаш кога земјите ќе ги исполнат своите обврски.

Според процедурата понатаму, министрите за надворешни работи на земјите – членки на ЕУ, ќе треба да расправаат за отворањето на преговори со Северна Македонија и Албанија, веднаш по објавувањето на пакетот.

Известувачот за Северна Македонија во Европскиот Парламент, Иво Вајгл ,од своја страна, денеска го поддржа пакетот за проширување на ЕУ на еврокомесарот Јоханес Хан. Тој порача дека Северна Македонија не треба да се оценува само врз системот на заслуги, туку и врз дадените ветувања од ЕУ.

Целиот текст прочитајте го ТУКА. (Крај)

извор: Р.С Европа фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest