Народна банка организира конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура во Охрид

Охрид, 31. мај 2019 (ИНПРЕС) – Во понеделник, во Охрид ќе започне 12-та конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура, којашто ја организира Народната банка во соработка со Банката на Холандија.

Годинава, конференциската програма ќе биде на тема „Отворени врати за менување на платежниот пејзаж“, при што во текот на трите конференциски дена ќе бидат отворени поголем број актуелни прашања од платежната сфера.

На Конференцијата, којашто традиционално има меѓународен карактер, и годинава со свои презентации ќе учествуваат претставници на Европската комисија (ЕК), Европската централна банка (ЕЦБ) и Банката за меѓународни порамнувања (БИС), што уште еднаш го потврдува високиот квалитет и препознатливоста на оваа конференција во меѓународни рамки. Претстојното конференциско издание, повторно, во Охрид ќе обедини претставници на централните банки коишто му припаѓаат на Европскиот систем на централни банки и на централните банки од регионот на Западен Балкан и Црното Море, овојпат за да споделат мислења и да дискутираат за најновите светски трендови во областа на плаќањата и предизвиците за нивната примена. Според конференциската програма, на настанот ќе бидат споделени експертски гледишта за повеќе клучни прашања поврзани со промените во правната рамка за платежната сфера во Европската Унија, најновите платежни решенија управувани од финтек-компаниите, отвореното банкарство, развојот на инстант плаќањата, дигиталните валути и крипто-средствата. Во рамки на Конференцијата ќе биде одржана и панел-дискусија на која истакнати експерти од банкарскиот сектор и секторот финтек ќе говорат за светот на отвореното банкарство и за финтек во иновациите на плаќањата.

Конференцијата ќе ја отвори гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, по што со своe излагањe ќе се обрати и Михил ван Дуверен од холандската централна банка. Во текот на првиот конференциски ден, свои излагања ќе имаат и претставници на повеќе централни банки од евросистемот, како и претставник на ЕЦБ. Програмата за вториот конференциски ден ќе започне со обраќања на министерот за финансии, Драган Тевдовски и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, по што меѓу другото свое обраќање ќе има претставник на БИС, а ќе биде одржана и тематската панел-дискусија. Во текот на третиот, завршен ден на Конференцијата, дел од експертите ќе дискутираат за неколку клучни прашања за новите трендови во платежната сфера и во одделни работни групи. Во текот на конференциската завршница ќе се обрати вицегувернерката на Народната банка, Емилија Нацевска, којашто ќе ги изнесе и заклучните согледби од годинешното конференциско издание.

Одржувањето на оваа конференција е само една од формите преку кои Народната банка постојано се залага за следење на светските новини и поттикнување на развојот на платежните услуги кај нас, што во натамошниот период би донесло и побројни придобивки за домашната економија. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest