Заев: Би заменил и две Нобелови награди за датум за преговори со ЕУ

Брисел, 6. јуни 2019 (ИНПРЕС) – Премиерот Зоран Заев во интервју за белгискиот весник „Ле Соар“, уште еднаш ги повика земјите членки на ЕУ да преземат одговорност и да испорачаат датум за преговори со Северна Македонија.

Во разговорот, премиерот Заев објаснува дека во случај да не се додели датумот за преговори, тој ќе биде обвинет дека ги излажал пратениците дека гласањето за Преспанскиот договор значи отворање на вратите на ЕУ.

– Кажав дека ако го смениме името, ако одржуваме добри односи со Грција, со Бугарија, дека ако се прават сите реформи, Европа ќе си ги исполни ветувањата. Ако тоа не биде случај, нормално е да се преземе одговорност, нема да чекам опозицијата или Собранието да направи нешто, ќе преземам одговорност и ќе го вратам мојот мандат – вели Заев во интервјуто за „Ле Соар“.

Тој предупредува дека во контекст на неиспорачување од европска страна, граѓаните би можеле да се свртат кон националистичките струи во земјата.

– Ризикот е враќањето на национализмот и радикализмот во нашата земја. Поминавме низ овој ризик во последните единаесет години. Имавме „хибриден“ режим кој ги уништи сите демократски права и слободи, сите основи на нормална земја, и ризикот е да се вратиме во тоа време – одговара премиерот.

Запрашан дали верува дека навистина би можел да добие Нобелова награда за мир заедно со грчкиот премиер Алексис Ципрас откако беа предложени по усвојувањето на Преспанскиот договор, Заев вели дека датум за преговори му е поважен.

– Би заменил и две Нобелови награди за таа одлука на Европскиот Совет, за мене е огромна чест што сум номиниран, ние сме мала земја, но нашата награда е потврдата на нашата работа, и единствената потврда која значи во овој момент е одлуката на Европскиот Совет. Тоа е најдобрата награда. Ако добијам Нобелова, ќе му ја дадам на Европскиот Совет – вели низ шега Зоран Заев.

Целиот текст прочитајте го ТУКА. (Крај)

извор: Плус инфо фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest