Претставата „Метод“ в четврток на репертоарот на охридскиот театар

Охрид, 11. јуни 2019 (ИНПРЕС) – Најпоставуваниот современ шпански текст во регионот „Метод“ (El mètode Grönholm) од Жорди Галсеран, в четврток, 13-ти јуни, повторно на репертоарот на Народен Театар Охрид.

Режијата е на Ирена Стеријовска, а во претставата играат: Стрезо Стаматовски, Ивица Цонев, Елизабета Стефановска и Јаков Спасов.

Овој текст премиерно беше преведен и поставен во Македонија на 10-ти ноември, а правата ги има токму охридскиот театар. Жанровски оваа претстава е трилер кој отвора егзистенцијални прашања, на некој начин го поставува човекот како жртва на модерното време.

– Претставата зборува за последносто интервју на финалните четири кандидати за висока позиција во голема интернационалана компанија. Во оваа приказна, преку интриганта сатира кон модерното сфаќање на капитализмот и општеството воопшто, се анализира природата на човекот. Концептот го поставува човекот во инфериорна позиција во однос на „големата слика“ и го поставува прашањето колку голема е всушност „големата слика“? Преку интензивните трилер ситуации се игра со публиката и она што таа мисли дека го знае, исто како што дејствието си игра со ликовите и она што тие мислат дека го знаат. Така се создава еден модерен психолошки трилер со интензитет и темпо што ја вовлекува публиката толку активно да ги прати заплетите што и самата станува петтиот лик во оваа пиеса, вели Стеријовска.

Билетите по цена од 200 денари се пуштени во продажба и можат да се купат на билетарата при НУЦК „Григор Прличев“ во Охрид.

Претставата започнува во 20.00 часот. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest