Градскиот хор „Вокс Лихнидос“ викендов настапува на Меѓународниот хорски фестивал „ТЕХО 2019” во Тетово

Охрид, 12. јуни 2019 (ИНПРЕС) – Охридскиот градски мешан хор „Вокс Лихнидос” викендов настапува на 28-то издание на Меѓународниот хорски фестивал „Тетовски хорски одзиви – ТЕХО 2019”.

Хористите деновиве имаат интензивни проби и се подготвуваат за гостувањето. Фестивалот се одржува два вечери, на 15-ти и 16-ти јуни, а нашиот настап е во сабота. Имаме учествувано и на минатоте изданија, така што сцената во Тетово и квалитетот на овој фестивал ни се добропознати, изјави за Супер радио и OhridPress диригентот Бурим Хидри.

– Подготвивме специјална програма од шест композиции. И овојпат имаме композиција од охридскиот композитор Гоце Гавриловски, се работи за „Боса роса“. Ваквите фестивали се одлична можност за средба со хоровите од други земји, размена на искуства и договарање на идна соработка и гостувања, вели Хидри.

На сцената во Центарот за култура „Иљо Антески Смок“ во Тетово, нашиот хор ќе се претстави со композициите: „Богородице дјево“, „Марика на стол седеше“, „Кумановка“, „Боса роса“, „Only you“ на Yazoo и традиционалната руска песна „Ryabinushka“.

Оваа година на Меѓународниот хорски фестивал „Тетовски хорски одзиви – ТЕХО 2019” ќе настапат 12 хорови и преку 500 хористи.

Фестивалот ќе биде и одлична подготовка за хористите за следниот настап. Наредната недела патуваат за Романија, каде ќе учествуваат на фестивал во градот Питести. (Крај)

извор: ИнПрес фото: ИнПрес

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest