ОУ „Братство Единство“ се збратими со училиште од Книн, Хрватска

Охрид, 13. јуни 2019 (ИНПРЕС) – Група наставници од ОУ „Братство Единство”, предводени од директорот Џемал Мехмед, од 8-ми до 11-ти јуни беа во официјална посета на малото гратче, Книн, во Република Хрватска.

Двајцата директори, Џемал Мехмед и Иван Узун потпишаа договор за збратимување и меѓусебна соработка. Гостите имаа можност да присуствуваат на приредбата по повод Денот на нивното училиште „Домовинске захвалности“. Домаќините им приредија прекрасен пречек, каде во чест на гостите на приредбата, училишниот хор ја испеа песната „Македонско девојче”.

Гостопримливите Хрвати им организираа посети од научно-забавен карактер низ околината на Книн, каде најголем впечаток им остави НП „Плитвички Езера”, како и останатите градови од прекрасната Далмација.

Наставниците и директорите се дружеа три дена, разменувајќи искуства и начини во реализирање на наставата, со цел подобрување на нејзиниот квалитет, како и започнување на ЕРАЗМУС-проекти.

Од двете училишта изјавија дека ваквите меѓусебни средби ќе се зачестат во иднина. (Крај)

извор:ИнПрес фото: ОУ „Братство Единство“

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest