Изложба на отворено „Арт Ограда“

Скопје, 21. октомври 2014 (ИНПРЕС) – Утре Моден викенд Скопје во соработка со Општина Карпош ќе отвори изложба на отворено, наречена „Арт Ограда“, составена од фотографии од најновите креации на дизајнерите  – учесници на претстојниот Моден викенд.

Изложбата на отворено ќе може да се види од 22 октомври до 22 ноември на надворешната ограда на објектот „Државен архив на Република Македонија“ во општината Карпош.

– За нашето десетто јубилејно издание, со Општина Карпош одлучивме, пред сѐ, на жителите на општината како и на сите скопјани, да им овозможиме на „ѕирнат“ во дел од колекциите на нашите дизајнери – учесници. Покрај уживањето во модните трендови, граѓаните ќе имаат можност да ја запознаат подобро својата општина и да ја видат во едно поинакво светло, велат од организацијата на Моден викенд Скопје.

Во улога на модели се познатите македонски актерки Дарја Ризова и Јована Павлаковиќ, победничката на првото издание на „Танц со ѕвездите“ во Македонија – Јована Василева, како и манекенките од модната агенција „Подиум“: Моника Илиевска, Рене Вајт, Јорданка Михајловиќ и Фаниа Гиачо. (Крај)

извор: Инпрес фото: архива