Петар Суперхикс – Ќе направиме мини акустичен концерт, издание во кое досега не сме се покажале

Охрид, 5. ноември 2014 (ИНПРЕС) – Еден од основачите на бендот и дел од постојаната постава на бендот, Петар Младеновски, како дел од промоција на проект за млади, беше во посета на Охрид во друга улога.

Но за Инпрес, Младеновски секако, со задоволство одвои време за едно кратко (музичко) интервју.

Инпрес: Колку често како бенд сте посакале и реално сте имале шанса да настапите во Охрид на одреден настан, или пак, да направите свирка онака за своја душа?

Младеновски: Интересно прашање од проста причина што, од не знам која причина, Охрид ни’ е најслабо посетувана дестинација. Порано некако почесто патувавме и доаѓавме во Охрид. Минатата година се случи да настапиме на фестивалот „Плашица фест“, а пред две-три години бевме дел од Пиво фест, кој се организираше во Охрид. Зошто е тоа така, дека поретко сме во Охрид, со оглед на тоа дека буквално цела Македонија „ја изоравме“ и имавме настапи, не знам. Ќе мораме да се преиспитаме по ова прашање. А исто така, и едни од најубавите спомени не’ врзуваат за Охрид. Во 2002 година настапивме како предгрупа на концертот на Тито и Тарантула. Па имавме во тој период бројни гостувања по дискотеките во Охрид, но некако во последните години тоа затаи. Да речеме дека во последните години, тоа ќе го препишеме на слабата сезона. Инаку да. Имаме посебно задоволство, за охриѓани, помалку за другите гости кои ќе доаѓаат тука, туку повеќе за охриѓани, да направиме еден целовечерен концерт. Ќе се потрудиме тоа да го решиме во скоро време.

Инпрес: Можеби не толку на почетокот од постоењето, но во последните години имавте мали турбуленции околу менувањето на чланови на бендот, што не е никаков хендикеп, туку, претпоставувам така се случувале некои работи. Моментално кои сте во поставата на бендот?

Младеновски: Па, добро, последниве година и пол имавме такви турбуленции. До пред некоја година, бевме истата постава. Да, охриѓанецот Папаз повеќе не е член на Суперхикс, беше дел од бендот неколку години, но и тој си замина. Имаме нови членови, нов саксофонист, старо – нов тромбонист, беше дел од бендот, па повторно се врати, Бране Илиевски и стандарден член стана ДЈ Гоце. Инаку четворица сме од таа стара постава, кои сме заедно 15-16 години. Диме Тодоровски е исто, од таа стана постава, која функционира подолго време. Јас и гитаристот Борис Минов сме од самото основање. Таа приказна трае, не планираме да се откажеме.

Инпрес: Дали можеби малку Ви пречи, тоа што пошироката јавност не ве знаеше толку пред темата „Глупави песни“? Само оние кои вистински ја прателе музиката, знаеја за Суперхикс и пред тоа, додека на пошироката јавност, како да и’ требаше време да ја премости таа граница на урбаната музика, па да дознаат дека има одлични бендови и настрана од она што често се слуша?

Младеновски: Нас во Скопје, локално не’ знаеја и пред, ете таа позната песна, но во Македонија не не’ познаваа. Се’ додека не излезе тој сингл. Но, радува што од тогаш поминаа 15 години. Кога ќе се врати назад времето, испаѓа дека и прилично долго сме на таа медиумска „трпеза“. Да, преку тој сингл, луѓето, не’ запознаа. Но многу работи се случија во меѓувреме. Тоа беше едно малку поинакво време. Во медиумите низ Македонија се вртеше повеќе македонска музика. Медиумите го прават еден хит. Во последните десетина години, се обидуваат да ја вратат македонската музика. Секаде се зборува истото, но така е, бомбардирани сме од оној турбо фолк и поп музика од северниот сосед, која не поп, туку и тоа е турбо музика. Сонуваме таа ситуација да се среди. Не за Суперхикс, туку ќе има некои нови лица, нови бендови, дали поп, рок, рокенрол, андерграунд, кои повторно ќе носат публика.

Инпрес: Да е нешто опипливо, како би ја опишале, една визуелна претстава за музиката на Суперхикс.

Младеновски: Не можам да ја опишам како предмет, но, еве, нека биде микс од овошје 🙂 Малку манго, папаја, банана, мандарина, значи се’ она што носи егзотичен вкус и изгледа шарено, убаво за око. Е, така некако опипливо би изгледала музиката на Суперхикс. 🙂 Сето она што ние го работиме е фузика на разни стилови, кои ретко кој би се обидел да ги стави во едно клопче, но нас, некако ни’ оди од рака тоа.

petarmladenovski2

Инпрес: Од бројните настапи кои сте ги имале во странство, кој се издвојува како најзначаен или најомилен?

Младеновски: Па, сега ми текнува на еден наш настап во 2001 година во еден загребски клуб „Оксет“, кој е еден од најдобрите за такви свирки и одлично функционира до ден денес. Тој настап го паметам како еден од најдрагите. Инаку сме имале повеќе настапи, кои можат да се издвојат. Зигет фестивалот, IN Music фестивалот, Егзит, сме имале многу, не можам да се сетам на сите, но има пар кои можат да се издвојат.

Инпрес: По албумот на собрани теми „The Best of“, како продолжувате да креирате теми за нешто наредно?

Младеновски: По тоа цд со теми кои ја одбележуваат 20-годишнината од нашето постоење, теми за кои сметавме самите дека не одбележале во изминатите 20 години, снимаме нови теми, нови синглови. Се надеваме дека наредната година ќе го издадеме тој нов албум. До крај на оваа година и до март некаде 2015 ни’ трае ова одбележување на 20-годишнината од основањето. Сакаме да исфрлиме уште еден – два синглови и неколку нови материјали по радијата. Сакаме да направиме и еден мини акустичен концерт, во едно издание во кое не сме се покажале до сега, па ќе видиме како ќе испадне тоа.

Инпрес: Една општа оценка моментално за македонската музичка сцена…

Младеновски: Македонската музичка сцена е фина, има добри имиња, има нови момци, кои сакаат да работат. Пак ќе кажам, медиумите малку повеќе внимание да им обрнат на македонските изведувачи, па и на оние кои не се толку познати, нека се докажат, а потоа нека оценуваат. Нека се заборави малку на промовирањето на пејачи како Аца Лукас, Крлеуша, Маринко Роквиќ и слични, нека има повеќе простор за нашите музичари и се’ ќе биде како што треба. (Крај)

извор: Инпрес фото: Инпрес