Интервју со Петрит Сарачини (Амон Мра) – Од секого можете да измамите насмевка, ако му зборувате со срцето

Скопје, 6. ноември 2014 (ИНПРЕС) – Музичар, новинар, активист, колумнист, радио водител… сигурно во биографијата на Петрит Сарачини има уште некој профил, кој го отсликува она што е – човек кој за се’ говори слободно.

Ако преку музиката заедно со неговиот бенд Репортерс, ја запознал одблиску идејата како преку уметност да се помогне некому, говорејќи низ призмата, пак, на активист, знае да рече дека турбуленциите во еден систем или култура, ќе донесат нешто ново конструктивно.

Во кратко интервју за Инпрес агенција Сарачини, познат во јавноста и како Амон Мра, споделува дел од неговите размислувања за тоа како една личност може и треба културно да се изградува.

Инпрес: Бидејќи едноставно не постои тема за која не сте запознаен, а сте се реализирале во голем број на области, дали може на почетокот на интервјуто да проговориме за медиумот радио. Вашиот глас е препознатлив токму по бројните емисии кои сте ги правеле за потребите на радискиот медиумски простор. Ви недостасува ли одвреме – навреме радиото?

Сарачини: Годините кои ги поминав во Лајф радио ми се чини дека ми се најдрагите. Радиото има некоја магија, ретко кој, некогаш ако работел во радио, се откажува од него. Многу скоро ќе имам некоја прилика повторно да се испробам во таа бранша. Иако, на некој начин, со пишувањето на колумни и текстови, се одржувам во новинарска кондиција, иако сум моментално малку настрана од активното новинарство.

Инпрес: Тука е и музиката, моментално член сте на музичкиот проект Репортерс, бендот на новинари. Гостувавте во неколку градови во Македонија и имавте интересни настапи. Како се доживувате самите членови како бенд на новинари?

Сарачини: Со Репортерс направивме еден музички производ. Тоа се сите наши оригинални песни. Станува збор за, како што знае јавноста за бенд на новинари, кои се занимаваат активно со новинарство, но во некои други моменти од нивниот живот, порано се занимавала, или се уште, се занимаваат и со музика. Мислам дека направивме одлична работа, нашите концерти сите беа посетени, а средствата кои ги собравме одат во солидарниот фонд на синдикатот на новинарите. Тие средства се користат за нашите колеги, кои навистина имаат потреба од тоа. Има доста колеги кои остануваат без работа, има колеги, кои се соочуваат со разни притисоци, на некои им се случила некоја незгода. Имаше случај, каде за жал, на еден наш колега му изгоре домот и му помогнавме на него со средствата од една од добротворните забави. Едноставно, нам не ни’ е целта да станеме музичари, или да станеме попопуларни, туку најдовме еден начин, на кој во оваа тешка ситуација, можеме да им помогнеме на нашите колеги.

Инпрес: Во бендот како си ги имате поделено задачите, конкретно околу темите кои ги изведувате?

Сарачини: Ние имавме за цд-то и еден конкурс, каде баравме и од другите колеги, да напишат текстови за темите кои ги изведуваме. Повеќето од текстовите на овој носач на звук, се од колеги новинари, тоа се текстови од нашата заедница за нашата заедница. Секако дека не сакаме да се задржуваме и да зборуваме само за проблемите на новинарите, туку сакаме таа музика да биде приемчива и да биде слушана од што повеќе граѓани на Македонија.

Инпрес: Уметничкото име… Од каде е она Амон Мра?

Сарачини: Мра е Младинска работна акција, а подоцна јас, за потребите на бендот го додадов тоа Амон, и асоцира на Амон Ра – Амон Мра. Инаку прекарот ми е Младинска работна акција, која ме потсетува на работните акции кои функционираа во другиот систем, каде младите одеа, градеа и патишта, вештачки езера итн. Мене ми остана тој прекар од тоа време.

Инпрес: Надоврзувајќи се на тоа, извлекувам едно потпрашање. Покрај работните акции кои важеа за императив на активност кај младите во некое минато време, дали пак, и за некои други сегменти во културното живеење, сте можеби носталгичар?

Сарачини: Јас не се сеќавам детално на тие времиња, иако кога се растураше таа бивша држава, бев тинејџер. Но, барем бев свесен дека таа држава и тој систем имаше свои добри и свои лоши страни. Лошите сите ги знаеме, поврзани во главно со идеолошките профили, а таа држава и тоа како се промовираше како идеолошка, а тие што не беа дел од тоа, беа персекутирани, затворани, гонети. Но, барем во друг поглед, од аспект на инфраструктура, култура, градење на заедништво, имаше работи кои функционираа подобро, а сега ги немаме. Ние дојдовме до момент каде што сакавме да ги прифатиме вредностите од запад, но, мислам дека голем дел од добрите вредности што ги имавме ги загубивме, а ги задржавме само лошите, а од запад, не ги прифативме тие добрите, туку во голем дел, тие лошите вредности. Таа комбинација резултира со она што го имаме сега, но, се надевам дека полека ќе излеземе од оваа ситуација.

Инпрес: Културната сцена во Македонија, моментално на кое ниво е ?

Сарачини: Вистинската култура никогаш не се создава во центарот, туку на маргините. За мене, тешката состојба во која се наоѓа културата во Македонија, за разлика од други општествени односи, раѓа нови културни вредности и културни облици. Како што велат вечните оптимисти, секоја криза за некого претставува некоја можност. Едноставно, уметниците во Република Македонија, треба да разберат дека уметноста не се создава поради тоа за да се продаде, туку пред се’ за да ја олесни душата на уметникот и да ги направи луѓето да се чувствуваат подобро.

Инпрес: Како личност вклучена во невладиниот сектор, често имате можност преку различни проекти, да се обратите до одреден круг на луѓе, да направите одредена презентација… Дали е полесно да се измами добра мисла и насмевка од помладите, или од повозрасните?

Сарачини: Лесен е патот до насмевката и до душата на сите луѓе, без разлика на возрасната граница. А за да се допре до срцето на некого, треба да се зборува од срце. (Крај)

извор: Инпрес фото: Инпрес