Missing image

„Вечер на Европската Унија“ во рамките на Охридско лето

Охрид, 13. август 2014 (ИНПРЕС) – Денес во рамките на програмата на фестивалот „Охридско лето“ е вечерта посветена на Европската Унија.

Во црквата „Света Софија“ вечерва ќе настапува Ансамблот „Варијабиле“, кој е формиран по иницијатива на Клаудио Мансути, чијашто идеја беше да ги собере музичарите кои потекнуваат од регионот на Алпска Адрија за изведување на камерен репертоар во различни, односно, варијабилни состави. Сите членови на ансамблот имаат богата уметничка биографија.

Клаудио Мансути има освоено 5 национални и бројни меѓународни награди, оствари снимки за РАИ  и ОРФ (ORF), а како солист настапувал со бројни оркестри од различни земји.

Андреа Мусто има големо искуство како камерен музичар и член на гудачки квартети во Австрија и Германија, а соработуваше и со оркестрите од овие земји. Од 2001 год. тој е прв челист на оркестарот во Фриули Венеција- Џулија.

Федерика Репини е победник на натпреварот „Шуберт“ во Монкалиери, а во нејзината кариера се вбројуваат солистички настапи со бројни оркестри и членување во камерни состави, како и снимки за радио и телевизиските куќи. Ансамблот „Варијабиле“ неодамна имаше бројни настапи во повеќе европски земји.

Истакнатиот италијански флејтист Масимо Мерчели изградил впечатлива уметничка кариера во која се забележуваат успесите на маѓународните натпревари и бројните концерти во најпознатите светски сали, меѓу кои „Карнеги Хол“, Московскиот конзерваториум, Концертгебау, Моцартеум, како и учеството на престижните меѓународни фестивали во Љубљана, Берлин, Бон (Бетовеновиот фестивал), Санкт-Петербург и многу други. (Крај)

извор: Инпрес фото: архива