Жармена – Музиката е секогаш за да оди во пар, црно со бело

Охрид, 5. декември 2014 (ИНПРЕС) – Музика во живо, енергија, веродостојна интерпретација на музиката на многу светски музичари, што прави посебна атмосфера во еден локал, се само неколку издвоени карактеристики, кои ја опишуваат охридската музичарка Жармена Китрозоска.

Посетителите на живите свирки во Охрид, но и цела Македонија ја имаат запознаено како личност која со сериозен пристап кон музиката, знае да подари на многумина среќни моменти, да ги предизвика најхрабрите да запеат заедно со неа. Жармена вели дека секоја песна има посебно место во музичката историја, но не крие дека музиката од 90-те најмногу ја цени.

Инпрес музичкото интервју овој пат резервирано за сите музички прашања и одговори со охриѓанката Жармена.

Инпрес: Вие сте еден од оние музичари, кои не ги заобиколуваат фестивалите, и покрај тоа што имате редовни свирки по локалите. Последниот настап на фестивал Ви беше на Охрид фест. Дали може да го споделите Вашето мислење на кое ниво се моментално фестивалите во Македонија?

Жармена: Мислам дека нивото на фестивалите во последно време, посебно е во искачување. Се прават напори се’ повеќе да се презентираат песните со придружба на музика со оркестар во живо. Станува се’ подобар начинот и квалитетот на презентирање на песните. Нормално дека секој артист би сакал позади себе да има оркестар, живи инструменти. Секако дека тоа е предизвик за секој пејач. На пример, мене лично секогаш помалку ми се допаѓало кога на фестивал се настапува на плејбек. Поголем замор е да се „глуми“ дека се пее. Посигурно се чувствувам кога песната ја пеам во живо. Кога би требало да се прави некоја споредба на фестивалите, со оглед на тоа дека имам настапувано на сите фестивали во државава, можам да кажам дека секој фестивал си има некоја своја посебна карактеристика. Охрид Фест е насочен повеќе на спектакл, затоа што се пренесува на повеќе телевизии од Балканот, Макфест јас го нарекувам „домаќински фестивал“, затоа што секогаш кога сме настапувале таму, убаво сме си поминувале, а секогаш поголема фама се крева околу Скопскиот фестивал и кај настапувачите и кај публиката.

Инпрес: Од Вашиот настап на Охрид Фест произлезе песната „Вистина“. Која е онаа вистина, што сакате да ја пренесете токму преку таа песна?

Жармена: Секој има своја вистина. Конкретно околу текстот за таа тема, најдетално може да каже мојот сопруг Димче Китрозовски, тој ја пишуваше песната, на која вистина мислел, треба да си каже. 🙂 Добро, таа тема носи една универзална порака, за некои морални вредности, за истакнување на вистината, да нема лаги и лицемерие, некоја поинаква порака. Има една анегдота, за што постојано се смееме со режисерот на Охрид Фест. Често знае да рече – зошто само љубовни песни пеам, па еве летово на Охрид Фест, се пошегувавме дека за прв пат на фестивал не пеам љубовна песна. Сепак, можам да кажам дека темата со која настапив минатата година на Охрид Фест – „Кој ќе ни’ суди“, иако беше љубовна 🙂 има посебно убав текст и ми е посебно драга песна. Штета е што откако ќе направам некој сингл, или ќе отпеам песна на фестивал, не правам видео за таа тема или на друг начин малку повеќе да ја промовирам. Можеби треба да се ангажирам малку повеќе во тој дел, по интерпретацијата на темите, за едно поголемо медиумско претставување.

Инпрес: Фестивалската сцена и сцената за живи свирки и настапи… Најдобрите работи на овие две различни сцени?

Жармена: На свирка се чувствувам како да сум домаќин, има доста луѓе, се создава убава атмосфера, секогаш е послободно, полежерно. На фестивалската сцена, тие неколку минути додека настапува еден артист, се посебни за секој интерпретатор. Чувството на фестивалската сцена е поинакво, затоа што во еден момент пошироката јавност е насочена кон една личност, тоа дава посебно задоволство.

Инпрес: Ја отворивме темата околу Вашите авторски песни, за кои велите дека во најголем дел се љубовни. А многу пати се потврдило дека песните со љубовна тематика, пак се едни од најомилените кај публиката на живите свирки. Конкретно што најмногу сака публиката?

Жармена: Па ако се направи една, макар и груба статистика, најголем дел од песните, се љубовни. Нормално, љубовта е вечна инспирација. Ретко ми текнало да размислувам на таа тема, но така е, општа една проценка е дека сигурно над осумдесет проценти од песните кои се направени, се со љубовна тема. На живите свирки, нормално е дека секогаш се бараат и нови песни, но секогаш има една основа, едно јадро на песни кои се често барани. Тоа се некои евергрин теми, некои комерцијални хитови, песни кои останале да се слушаат. Има интересен феномен, каде се’ почесто, исклучително млада публика бара постари песни. Бараат песни од Рибља Чорба, Бједо Дугме, Led Zeppelin, Deep Purple, односно музика, која престанале да ја слушаат и нивните родители. 🙂

Инпрес: Во тој контекс претпоставувам дека и селекцијата која се прави на репертоарот на темите за живите свирки, е во најголем случај на желба на посетителите?

Жармена: Секогаш поаѓаме од некои наши желби, а се надополнуваме со желбите на публиката. Таа селекција доаѓа сама по себе. Некогаш сме вложиле во некоја песна, сме ја подготвувале и по неколку свирки, ќе увидиме дека за публиката не е интересна и веднаш останува надвор од репертоарот. Десетина години се занимавам со оваа работа и понекогаш се прашувам, како е можно па и публиката да сака постојано исти песни 🙂 Некоја песна на пример, од пред десет години која сме ја поставиле на репертоарот, до ден денес се’ уште е барана. И јас чувствувам некогаш потреба да сменам, но повторно се враќаме на она дека публиката го има главниот збор и бара песни кои добро ги знае.

Инпрес: Колку често на живите свирки Ви се случило некој поединец од публиката да замоли да запее со бендот?

Жармена: Да, имало често такви прилики. Ако, јас сакам кога една свирка е спонтана, да отпееме нешто заедно, тоа значи дека на публиката и’ се допаѓа музиката, или нешто посебно има во одредена песна за некој поединец, па изразил таква желба. Мене тоа ми е баш интересно и симпатично. Не сум од типот на музичари, кои сметаат дека свирката е само нивен момент. А, што се однесува до други случки, ги имало многу. На пример, при еден настап, премногу ми беа високи потпетиците и дури се чудев како ќе се качам на сцената. Но, човек се прилагодува на се’, тоа да не го забележи публиката, туку да ужива во музиката.

Инпрес: Која е Ваша музичка икона или посебен некој музичар, кој би бил посебна инспирација за да одберете негова нумера која станува дел од репертоарот на живите свирки?

Жармена: Не можам посебно некого да издвојам. Широк е спектарот на музика кој го слушам, па со оглед на тоа и многу музичари ги ценам, затоа не можам да издвојам еден или двајца. Но, морам да кажам дека, некако не ја сакам толку ју-музиката. Можеби затоа што до 10- годишна возраст сум растена во Франција и не сум ја слушала таа музика како мала. Кога дојдов во Охрид, сите слушаа, на пример бендови од типот на Рибља Чорба, но јас таа музика никогаш не сум ја чувствувала за блиска. Јас пеам одреден број на песни на музичари од Балканот, но некако се чувствува дека не ми лежат тие песни. Посебно омилени, пак, да издвојам, немам. Сакам се’ што е убаво на прво слушање.

Инпрес: А музиката на кои музичари, пак, со посебно задоволство ја изведувате?

Жармена: Можеби најдобро ја интерпретирам музиката на Тина Тарнер, Ејми Вајнхаус, Квин. ..

Инпрес: Што е со омилениот музички жанр?

Жармена: Во главно жанрот кој го сакам е рок. Посебно за срце ми прирасна гранџот. Можеби затоа што во тинејџерските години најмногу слушав таква музика. Што се однесува до македонските артисти, некако најдолгои со најголем жар сум ги слушала Архангел. Ја сакам музиката од 90-те, кога и да слушнам музика од 90-те, без разлика на кој жанр, ми буди убаво чувство.

Инпрес: Вашиот сопруг е исто музичар. Вашата ќерка покажува талент во музиката. Како е да се биде музичка фамилија?

Жармена: Убаво е, во секој случај. Како испадна ние да започнеме да работиме заеднички на музика со мојот сопруг, тоа е веќе интересна приказна. Кога се запознавме и бевме момче и девојка, тој имаше свој бенд. Како и кај секој бенд имаа често промена на поставата, некој заминал, некој нов дошол… Јас ги пратев каде што одеа на свирки, но никогаш не им кажав дека знам да пеам, дека се разбирам во музика и слично. Во една прилика, се случи во студио да треба да се сними демо и вокалите за нова тема која ја подготвуваше мојот сопруг. Јас почнав да ја потпевнувам и мојот сопруг се изненади дека знам да пеам. Така испадна дека за таа тема не требаше да бараат вокал, тука јас да ја пеам. Тоа беше и една од првите теми која ја снимив. А што се однесува до нашата ќерка, таа е посветена на класичната музика моментално и мислам дека ќе биде далеку подобар музичар од нас двајца 🙂

Инпрес: А колку често сопругот или двајцата взаемно сте во улога да си помагате, со тоа што ќе си укажувате на финесите, за да продуктот биде што подобар?

Жармена: Нормално дека секогаш ме критикува, но тоа е во насока на позитивна критика, за да ги поправаме работите. Кога некоја личност ни’ е многу блиска, нормално е да му укажуваме на ситници, за да напредува уште повеќе. Секоја критика ја прифаќам добронамерно, нормално е да си помагаме еден на друг.

Инпрес: Како ја глорифицирате музиката, остануваа „таа“ или пак можеби и’ давате лик на „тој“?

Жармена: Јас на музиката би и’ дала боја во комбинација црно-бела. Таа комбинација отсекогаш ми се допаѓала. А ќе речам дека музиката ја гледам преку женски род, затоа што секогаш кога ќе се спомне музика како поим, како именка, како збор, ме асоцира на гитара. (Крај)

извор: Инпрес фото: архива