The Author – Градиме имиџ на посебен алтернативен бенд

Охрид, 30. декември 2014 (ИНПРЕС) – „Пиволенд“, „Рок фест“, „Т’к Так Фест“ во Кавадарци, „Дојди Веслај“ Струга, „Битола Отворен град“…. и мнооогу локални свирки. Таму сигурно биле забележани токму тие – охридската енергична четворка The Author.

Доколку досега не сте ги слушнале, прво започнете со основите, кои ги даваат втората и третата генерација на светски бендови претставници на рокенролот, бендови од типот на AC/DC, Iron Maiden, Black Sabath, Judas Priest, а потоа на сето тоа додајте нешто од punk, skate-punk-rock бендовите од 90-те, како Offspring, OPM, па „зачинете“ со nu-metal, nu-rock бендовите како Lostprophets, па дури и калифорнијците RHCP (Red Hot Chili Peppers)…  и повторно нешто ќе недостасува, за да ги опишете најдобро охриѓаните The Author.

А тоа „нешто“, кое ги прави, онака како што самите се дефинираат „лиду-панк“ бенд, го имаат секој во себе – Ѓоко Паунковски – вокал, бас, Никола Дуклески – гитара, Хендрик Зингер – гитара и Климент Петроски – тапани.

Инпрес за љубителите на специјалниот алтернативен звук, направи интервју со членовите на бендот.

Инпрес: Кога создавате нова тема, колку често ви се случило истата без никакви поправки, да биде едногласно прифатена за снимање? Дали, пак некогаш се навраќате на темите кои еднаш сте ги подготвиле, да им направите ревизија?

Ѓоко: Прво ни’ доаѓа идеја што би одело како тема, околу текстот, воопшто целиот концепт. Гитаристите секогаш имаат свој удел и даваат свои идеи, токму поради важниот гитарски дел од песните. Додека да се сними, значи ни една песна не сме ја пуштиле така.

Климент: Имало една до две песни, како на пример „Чао, чао“, таа беше направена и веднаш снимена, како што испадна „на прва“. Хендрик, е оној кој секогаш прави најмногу преправки кај песните, ама добронамерно 🙂

Инпрес: Од што мислите дека најмногу зависи една добра тема?

Никола: Во главно, според мене, музиката. Најважна е, потоа текстот и другите работи кои се додаваат. Ама, сепак, ние кога правиме песна, гледаме на сите детали.

Ѓоко: Не може точно да се каже од што зависи. Моменталното расположение, можеби од влијанието  на музиката која моментално најмногу ја слушаме, или потсвесно што ќе ни’ дојде… Бидејќи ние свириме лиду-панк, гледаме секоја една тема горе-долу да е доследна на нашиот стил.

Климент: И за мене, дефинитивно, музиката, мелодијата, е некако на прво место. Идеја за песна секогаш ми доаѓа откако нешто ќе слушнам, некој звук, кој продолжува да се развива во музика. Од напишан само сув текст, никогаш не ми дошла идеја за правење музика.

Ѓоко: Добро, дечкиве некако сите велат музиката, но, некогаш добра порака праќа текстот, а музиката е додаток, не е на прво место. Значи, наизменично. Пак, е индивидуално, од некоја песна што оди на пример, во позадина, некој прво ќе запамети стих од песната, некој ќе си ја запамети мелодијата…

Инпрес: Можете ли да опишете еден типичен работен ден (додека се подготвувате за некоја свирка, гостување на некој настан, или да патувате до некој град за настап…) Имате ли некој посебни ритуали пред проба?

Ѓоко: Јас морам прв да кажам 🙂 Им се јавувам на сите, по ред и потоа треба да ги чекам поединечно сите по еден час, за да се собереме конечно на договореното место 🙂 И кога ќе стигнеме на местото за проба, чекаме уште пола час, за да се намести опрема, музички инструменти и слично 🙂

Климент: А за тој пола час подготовки, нешто мора да недостасува 🙂

Никола: … Често знае да фали нешто, батеријата се потрошила :)… За нас, за мене и Хендрик знаат да кажат дека сме малку попроблематични, доцниме…

Климент: Едниот секогаш околу спиењето, секогаш му се спие, другиот околу опремата, секогаш нешто фали… 🙂

Никола: Ние (гитаристите) дополнително се подготвуваме. Мораме да ги наштимаме гитарите, да звучи како што треба звукот за време на проба, или ако имаме тонска проба пред сам настап.

Климент: Немој да пропуштиш да кажеш дека НА СЕКОЈА ПЕСНА гитарите се штимаат, тоа е најважното :))) Стана збор за ритуал, ете го одговорот, посебно нешто им е штимањето на гитарите.

Инпрес: Меѓу последните ваши настапи беше Лузер фест, каде го освоивте петтото место. Нешто околу импресиите од тој ваш настап и учество на ваков фестивал.

Климент: Навистина беше многу убаво. Друго е да се свири на голема бина, а друго на локална свирка. На голема бина, човек се чувствува навистина како бенд.

Хендрик: Ние сме задоволни од тој настап, публиката исто така беше задоволна. Имавме доста гласови.

Климент: Имаше добри бендови. Некои не беа наш стил, но сепак, мора да се признае дека добро свиреа. А, имаше и бендови, на кои, лично по мое мислење, не им беше место за таков фестивал, туку требало да настапуваат на фестивал од друг тип.

Никола: И организацијата беше многу добра. Сите го делиме мислењето дека Лузер Фест беше добро искуство за нас.

Инпрес: Очигледно е дека треба развој на алтернативната сцена во Охрид. Како вие ја замислувате оваа сцена, во кои насоки сметате дека треба да се движи?

Никола: Па, всушност, помал е бројот на авторски бендови, кавер бендови има повеќе. Најголем проблем е местата за проби, локациите. На сите бендови тоа е најголем проблем.

Ѓоко: Во Скопје, на пример, има места, каде бендовите можат да изнајмат простор за вежбање, ако немаат свој. А тоа се простори, каде на никого нема да пречат, колку и да се гласни. Тоа овде го нема, мораме да се снаоѓаме.

Никола: Тргнуваме од најмалиот проблем, нема место каде бендовите да одржуваат најобични проби, а да не правиме муабет за концертна сала. Макар да има културен центар, или дом за млади, каде салата нема да биде и за балет, и за фолклор, туку да има сала само за бендови. На пример, во други градови, има такви сали, во Штип, во Битола, други места.

Инпрес: Колку музиката која ја работите, ви донела пријатели?

Климент: Во секој случај музикава ни’ донела повеќе пријатели, отколку непријатели.

Никола: И да имало некои луѓе, кои биле љубоморни на нашата работа, можеби не го покажале тоа.

Климент: Во секој случај музиката може да носи само пријатели.

Инпрес: Какви се влијанијата од музиката од светски рамки врз вашата?

Ѓоко: Во нашиот бенд сите имаме некој елемент на музиката која ја слушаме поединечно. Горе-долу слушаме некоја слична музика. Не може да се каже дека едно нешто има најголеми влијанија, или помали влијанија. Идејата доаѓа сама по себе.

Климент: Јас повеќе сакам хард-рок музика, нешто постаро, до пред 80-те, 90-те, поново не.

Никола: Сите слушаме некој рок, хард-рок. Се’ што слушаме, се одразува на нашата музика.

Хендрик: Јас слушам алтернативен рок. Посебно тоа многу интензивно во последните години. Нешто во стилот на Radiohead, и слично…

Инпрес: Досегашната ваша работа, ја овековечивте и со албум „Чао, Чао“. Кој е најважниот момент од создавањето на албумот?

Ѓоко: Освен песните кои се веќе на албумот, имаме и материјали, кои се настрана, па ќе видиме што ќе биде со нив. Имаме некои постари песни, кои не ги ставивме на овој албум, а се надеваме дека ќе бидат на некој следен албум.

Инпрес: Што се однесува до симболите на вашиот бенд, има ли некоја посебна приказна околу името The Author или логото?

Никола: Името некако само си дојде. На компјутер каде што ги стававме првите песни уште кога ги правевме, на песните кои си стоеја, автоматски компјутерот даваше име на бенд, само на нашите авторски немаше име, туку само насловите на песните, па како што автоматски компјутерот пишува „the author“ на секоја наредна тема, така, нам ни’ дојде идеја така да се викаме 🙂

Ѓоко: Логото го изработи мојот брат, Горан. Беше убедлив со логото и идејата, па ни’ се допадна на сите.

Инпрес: Како сакате да ве доживуваат луѓето, поврзано со имиџот на бендот? Имиџ на каков бенд сакате да градите?

Климент (кон останатите): Јас околу „визуелниот“ дел можам да кажам. Треба да поработиме на тоа прашање во иднина 🙂 Луѓето, инаку, во окружувањето, секогаш се „зафаќаат“ за надворешниот изглед. Во Скопје, на прмер, како најголем град во државава, бендовите имаат типичен имиџ, со многу модни додатоци во стилот на нивната музика и тоа на никого не му пречи. Во другиве градови, општо владее неизживеаност, непрошетаност на луѓето, малограѓанштина, кои не разбираат како некоја личност си гради свој имиџ. А, останатото, за имиџот на бендот како бенд, самата идеја, тоа е добро, неколку луѓе создаваат музика, заради заедничка идеја, ширење на заеднички идеали.

Ѓоко (кон Климент): Добро, ќе поработиме на облеката на бендот, во иднина 🙂

Никола: Можеби би сакале да не’ гледаат како бенд, кој ќе ја расположи публиката, како позитивен бенд. (кон Климент): Па, добро, ќе се потрудиме и околу тоа да носиме потипична облека.

Инпрес: За вашите сограѓани секако ќе биде интересно да се спомне и за некои карактеристични моменти. Оние кои се разбираат во музика, и слушале на времето Guns N’ Roses, можеби го препознаваат Климент како „охридскиот Axl Rose“. Или тоа, дека, на пример, Хендрик важи за еден од охридските музичари, кој можеби бил дел од најмногу бендови, и паралелно се’ уште е…

Хендрик: Добро, јас сум и во други бендови. Бев дел од The Walkers, сега свирам во The Author, Street Spirit.

Климент: Ќе откријам нешто ексклузивно, пред четири години, на концерт во Белград на Guns N’ Roses, јас бев во прв ред во публика. Имав можност да добијам лично од Axl Rose микрофон, т.е. микрофонот на кој пееше, го потпиша и го чувам како спомен од тој концерт.

Инпрес: Кога не би биле во онаа улога во која сте моментално во бендот, што би сакале да бидете?

Ѓоко: Јас можеби би бил тапанар.

Климент: Прашањево не е фер 🙂 Јас би сакал да свирам на конги, ама нема да го кажам тоа. Да му вратам малку на Ѓоко, кој можеби на моја сметка рече дека би сакал да биде тапанар, јас би сакал да сум пејачот на бендот 🙂

Никола: Не знам, мислам дека пак гитара.

Хендрик: Јас би свирел бас гитара. (Крај)

извор: Инпрес фото: Инпрес