Интервју со Скитара – Најдобро се изразувам во неколкучасовен дј сет

Скопје, 09. јануари 2015 (ИНПРЕС) – Многумина добро го познаваат како Скитара или Скит Скитара, во зависност од музичкиот проект или израз во даден момент.

Музиката и Скитара, со вистинско име Дејан Јанушев, професионално се „дружат“ од неговата 12-та година. Онаму каде се спојуваат најоригиналните и најрепрезентативни хип-хоп и рнб моменти во музиката, таму ќе го пронајдете и Скитара, во улога и на продуцент, дј, MC, интерпретатор…

Агенција Инпрес како роденденска честитка до Скитара, кој денес, 9-ти јануари, полни 28 години, направи интервју, во кое „на долго и на широко“ се говори за музиката, погледната од секој агол.

Инпрес: Што вообичаено сакаш со задоволство да вметнуваш на своите дј-ски сетови?

Скитара: Вообичаено, тоа се хип-хоп и рнб теми, како што се вели – од времето, па се’ до денес. Или, како што јас сакам да кажам, од old school до new school. Моите сетови содржат и теми кои се хитови, биле хитови, па се слушаат до денес, но има и нешто поразлично. Се’ е добро склопено. Обично, најдобро се изразувам преку три – часовен сет.

Инпрес: Селекцијата на темите на кој начин ја правиш, дали некој има удел или влијание врз изборот?

Скитара: Селекцијата се прави доста внимателно, со многу работа, преслушување на траки, а тука е и она што е мој најголем удел, пасијата, љубовта кон музиката. Работам многу активно, се стремам секогаш кон совршенство, за да можат луѓето за време на целиот сет да уживаат максимално во целиот репертоар кој го нудам.

Инпрес: Колку често си имал можност некој посетител на твој настап пријатно да те изненади со некоја добра и квалитетна музичка желба, наспроти, пак, некое „непријатно“ изнанедување, да ти побарале тема, која воопшто не е дел од твојот стил на музика?

Скитара: Имало и од едното и од другото. Но, најчесто ми приоѓале луѓе и барале траки во мој домен, оние траки, кои ги пуштам. Имало и случаи да ми побараат песна, која ја немам, не затоа што не ја знам, туку затоа што едноставно, сум сметал дека таа песна не одговара за приликата која сум ја одбрал. Имало и чудни музички желби, ме изненадило како во моментот на забавата некои луѓе не се сконцентрирани што пуштам, а тие побарале нешто далеку поразлично од мојот стил, на пример, поп песна, или српска забавна музика. Но, никогаш овие случки не биле пропратени со префрлања, туку едноставно, добро се завршувала работата, со договор. 🙂

Инпрес: Од бројните настапи кои си ги имал низ клубовите во македонските градови, колку сметаш дека недостасуват тематски забави?

Скитара: Тоа би било добро, но според мене, не би можело да трае цела вечер. Прво и основно, зависи кој артист да е или група, па и најдобар да е, најпопуларен, нема толку многу хитови, кои за цело време би го привлекувале вниманието на публиката. Таа идеја би била добра, да се направи како репертоар во вечерта, на пример, 40-минути издание или, еден вид трибјут на некој музичар, пример, Мајкл Џексон итн. Не би можело цела вечер да трае таква забава, но во рамките на една вечер, зошто да не.

Инпрес: Која е според тебе најглавната улога која ја има еден дј?

Скитара: Јас треба секогаш да ја пратам публиката, дј-от е тој кој е задолжен за да внимава на детали, како луѓето реагират на одредена музика.

Инпрес: Моментално, кои ти се најинспиративни музички артисти, без разлика, во светски рамки или можеби, некои домашни артисти?

Скитара: Често луѓето се интересирале за тоа кои се артистите кои ги ценам. Бидејќи јас сум музичар, правам музика, малку од друга страна ги гледам работите. Секој е инспириран на различни начини. Мене ме инспирира некој музичар на едно поле, друг, на пример, на друго поле на музиката. Се работи за мешавина на стилови и секој си е добар во тоа што го прави во својот домен. Не можам да издвојам некого посебно дека го ценам, затоа што она што недостасува кај некој музичар, се надополнува со музиката на друг.

Инпрес: Скитара како дј, продуцент, музичар, дел од хип-хоп групација… Што ти е приоритетно во моментов?

Скитара: Музичката продукција и дј-ството. Тие двете ми се приоритет во моментов, а не можам да ги одвојам, некако секогаш ми одат заедно. Како рапер и како MC, тоа е веќе друго, малку ги оставив на страна тие работи. Имам издадено албум заедно со Слаткар, имав многу проекти додека бев со Токсикологија, сега повеќе не сум дел од таа групација. Третиот албум, беше мојот соло албум, лично што го објавив. Подготвив уште еден, но тој е снимен онака за душа, се’ уште стои во студио и чека вистински момент да биде издадено. А кога ќе биде издаден, сигурно ќе го подарам за слободно преземање од интернет на слушателите и оние кои ја сакаат мојата музика.

Инпрес: Наскоро Македонија ќе добие специјализирана музичка интернет телевизија, која ќе ја третира само андерграунд, урбаната музика, која се создава на овие простори. Голем број на музички критичари долго време укажуваа на тоа дека во Македонија се промовира само популарната музика, а урбаната е ставена на страна. Твоето мислење во врска со ова.

Скитара: Да, точно е дека популарната музика повеќе се промовира. А, од друга страна, во мала земја, како Македонија, со два милиони жители, некако не можат да просперираат толку многу жанрови. И насекаде во светот, мејнстрим музиката најмногу користи. Кај нас има одлични алтернативни музичари, но мал е пазарот. Се надеваме дека во иднина малку ќе се сменат работите и луѓето ќе почнат на поинаков начин да ги гледаат нештата.

Инпрес: Со што би ја споредил музиката?

Скитара: Добро, сигурно со нешто убаво. Не ми текнува во моментов, дали да ја гледам како нешто опипливо, или апстрактно 🙂 Би било нешто совршено или оригинално.

Инпрес: Каква музичка порака би им оставил на твоите потомци?

Скитара: Во секој случај, да сакаат музика и природа. Да сакаат уметност. (Крај)

извор: Инпрес фото: архива