Годишнина од легендарниот фудбалски натпревар за Гинис

Охрид, 24. јуни 2016 (ИНПРЕС) – На 24-ти јуни 1979 година се одигра фудбалскиот натпревар за Гинис во селото Велгошти.

Дали некој ќе поверува дека на две средби, за 90 минути, па дури и ако се играше и 115 минути еден меч, можат да се постигнат 223 гола. Секој паметен човек, дури и оној што не се разбира многу во фудбалот, ќе рече: Тоа е невозможно, мора да е некоја шега.

Барем за фудбалерите на тие две средби. Првата во Велгошти, каде што домашниот „Илинден 903-та“ го победи „Младост“ од Вапила со 134:1, втората во Долно Лакочереј. Таму домашниот „Градинар“ загуби од Дебрца од Белчишта со „помал“ резултат 0:88. На тој ден, на 24-ти јуни 1979 година, во тие две села тоа беше можно.

fudbaleriginis2

Тоа бил ден кога фудбалот стана кошарка, кога тие два резултата го обиколија фудбалскиот свет, кога во Охрид допатуваа стотина новинари, не само од поранешна Југославија туку и од другите европски држави, да се уверат во оваа сензационална, неверојатна вест за постигнатите резултати. На кого му беше потребна оваа фарса на која и се смееше светот. Општинската лига на Охрид, „Илинден 903-та“ и Дебрца водеа „мртва трка” за првото место во лигата која водеше директно во Пелагонискиот регион.

Имало многу комични ситуации, дури на трипати домашните играчи, не знаејќи што да прават со топката шутирале во својата мрежа постигнувајќи автоголови. Често паѓале на теренот, се превиткувале за судијата да го продолжи натпреварот и да добијат во време. Некаде, според извештаите од тогашниот печат, во 89-тата минута во Вапила било 0:57. Кога дознале дека во Велгошти резултатот е многу повисок, почнале да паѓаат голови како на филмска лента. Судијата Андреј Ристевски, самоволно го продолжил натпреварот за 20 минути, се играло точно 115 минути. И замислете каква „ефикасност“ е тоа, од 89-та минута, па се до крајот, беа постигнати дури 31 гол! Тоа е уметност, нели. Сепак, и овие 88:0 не и беа доволни на Дебрца да биде прва во лигата и да се пласира во Пелагонискиот регион.

И во кошарка е тешко да се постигнат 134 коша, а во селото Велгошти, во фудбалски натпревар се постигнаа толку голови. Се покажавме навистина како мајстори за постигнување голови. Особено напаѓачот на „Илинден 903-та“ Наум Шапкаровски, кој за 90 минути постигнал 58 гола, запишани во протоколот. И еден Пеле да му симне капа за ефикасноста.

По кажувањето на очевидци имало на патот трактор кој не дозволувал да се влегува без да се плати карта, а плаќале само оние кои не биле велгоштани. На прашањето до судиите „Зошто не го прекинале натпреварот“ судијата на натпреварот Митко Кузманоски изјавил: „Ако го прекиневме натпреварот немаше да ме спасат ниту со хелихоптер“.

Од Македонстата Телевизија било побарано да се снима натпреварот да се види како се постигнуваат головите на натпреварот, но телевизијата одбила да го снима натпреварот без да знае дека се работи за историски настан вреден за влез во Гинис. (Крај)

извор: mkd.com фото: Љупчо и Димче Лепи